Заев за Катимерини: Многу често сум во Грција, моите деца учат во Солун, а луѓето велат дека сум многу добар човек…

Многу често патувам во Грција, бидејќи моите деца учат во Солун, а јас запознавам многу луѓе, изјави експремиерот Зоран Заев во интервју за грчкиот весник „Катимерини“, во коешто потенцира дека по потпишувањето на Преспанскиот договор, грчкиот и македонскиот народ се многу блиски.

Меѓу другото тој вели дека во Грција се сретнува со многу луѓе кои му велеле: „Господине Заев, вие сте многу добар човек, ајде да работиме заедно“.

– Бевме многу блиски со Турција и сè уште сме, бидејќи постои поврзаност со граѓани кои имаат турска националност. Но, по Преспа, бидејќи Грција е нашиот прв сосед, а Турција не е наш сосед, стана многу видливо дека Грција е еден од нашите најверни пријатели и тоа го гледаме во анкетите. Сега, анкетите ја покажуваат Грција како еден од петте најдобри пријатели на Северна Македонија, додека пред Преспа, таа беше еден од нашите три најголеми политички непријатели. Денес, многу се радувам кога гледам семејства како меѓусебно комуницираат, се посетуваат, доаѓаат на пазарење, за медицинска нега на пр. на забар, додека доаѓаме на кафе, на храна, на пазарење, особено во Солун. Како политичар многу често сум во Грција, бидејќи моите деца учат во Солун и запознавам многу луѓе. Сите се толку љубезни, а има и такви кои велат „Господине Заев, јас сум против договорот од Преспа, но вие сте добар човек. Затоа, ајде да работиме заедно“ – рече Заев.

Тој изрази уверување дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе го почитува договорот од Преспа и дека нема да го поништи.

– Мора да го почитуваат договорот, мора да го следат уставот затоа што се една од најголемите партии во државата. Без разлика дали ќе останат во опозиција или ќе станат власт во одреден момент, тие прво мора да го почитуваат нашиот Устав, бидејќи Уставот е најголемиот правен акт во државата. Освен тоа, тие мора да бидат паметни и да продолжат да работат заедно, бидејќи на крајот на денот луѓето сакаат да имаат подобар финансиски живот. Треба да се напомене дека регионот по договорот од Преспа се менува и тоа не само во енергетскиот сектор, туку и во земјоделството, текстилот, металната индустрија, насекаде. Тоа е многу видлива соработка, додека се чекаат повеќе од 2,5 милијарди евра инвестиции од Грција во Северна Македонија, во енергетиката и другите сектори. Износот одговара на 25% од нашиот БДП. Навистина сум многу благодарен и за новата грчка влада – која не е толку нова бидејќи имате избори – која го поддржува нашето полноправно членство во НАТО, што значи стабилност и безбедност. Премиерот Мицотакис, министерот Дендиас и другите се бореа толку позитивно за Северна Македонија во Европската Унија, Европскиот совет и Советот на Европа. Ова го прават пријателите и ние сме многу благодарни и нашите граѓани го знаат тоа – рече Заев.