СПМ: За владеачката партија е очигледно нетрпението кон се што е македонско

Социјалистичка партија на Македонија проследувајќи го тв учеството на заменик-министерката за правда Аврамовска-Мадиќ изразува згрозеност што таа во најавените уставни измени како предмет на внесувањето ги наведе и “Егејците“.

Иако се извини за “ненамерната грешка” таа всушност Егејците ги спореди со малцинство, како посебна заедница во Македонија која би требало да биде впишана во Уставот.

Социјалистичка партија на Македонија укажува на подготвувањето на новиот удар врз македонското национално ткиво со негово делење и уништување на македонската нација според планот на однародениот СДС.

За владеачката партија е очигледно нетрпението кон се што е македонско, па и кон Македонците Егејци кои не можат да бидат посебна заедница туку се нераскинлив дел од Македонскиот народ.

Социјалистичка партија на Македонија оценува дека ова претставува уште едно понижување на македонскиот народ и газење врз неговото достоинство од актуелната социјалдемократска врхушка.

За Социјалистичка партија на Македонија очигледно е брзањето на власта по барање на Бугарија да се измени Уставот што внесува конфузија кај носителите на постапката, но и во партискиот врв и државното раководство.

Социјалистичка партија на Македонија бара оградување на СДС и Владата на Република Македонија и нивно јавно извинување до Македонците Егејци.

Во спротивно ќе се смета дека изјавеното не е случајно, со што ќе се потврдат за точни нечесните и предавнички намери на СДС и Владата кон целиот Македонски народ.