Административните работници во повеќе државни институции во земјава не можат да земат плата за изминатиов месец, поради тоа што е хакиран компјутерскиот систем, односно системот за трезор во Министерството за финансии, што трае веќе две- три недели, дознава Нетпрес. Вработени тврдат дека од одговорните лица во институциите, им било кажано да не ја очекуваат платата за мај, што кај нив предивикало револт и нервоза.
Во врска со нашето прашање до Министерството за финансии за точноста на информацијата, за Нетпрес“ одговорија: „Ве информираме дека системот на Министерството за финансии не бил цел на хакерски напад и сите функции, вклучително и Трезорот, се одвиваат тековно“.
Сомнежот дека платите на административците доцнат поради хакерскиот напад во ова министерство, во јавноста се појави откако градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, на последната седница на советот изјави дека: „Ниту една институција не може да си наплати побарувања, бидејќи има хакерски напад врз Министерството за финансии. Зошто никој не зборува за хакерскиот напад, три недели не работи системот за трезор, ниедна институција не може да си наплати побарувања. Нели, ако е блокирана сметката државата е во банкрот?“, рече таа на седницата на која советниците бараа од неа објаснување за блокираната сметка на Градот. Додаде дека службеницте во МФ поради тоа со денови рачно обработуваат податоци.
Според СДК.мк, од буџетската сметка на Градот, преку која се вршат сите плаќања кон доверители и се делат плати, е блокирана поради долг на Градот Скопје, од тужба за предмет од пред 10 години, од која се уште не е извршена наплата.
Инаку, секторот Трезор управува со Трезорската сметка и со други сметки на државата, води и регистар на буџетските корисници, отвора сметки, обработува и евидентира барањата на корисници за денарски и девизни плаќањa, следи наплатата на јавните приходи на Буџетот и нивна распределба и слично.