Поранешната светска шампионка на 100 метри Тори Боуви починала од компликации при породување, објавија американските медиуми.
Американската спринтерка којашто во 2016 година на Олимписките игри во Рио де Жанеиро освои златен, сребрен и бронзен медал, а една година подоцна и стана светска првенка, почина на 3-ти мај во 32-та година од животот.
Извештајот од обдукцијата од Канцеларијата на медицинскиот иследник од округот Оринџ, во американската сојузна држава Флорида, кој на увди го имал весникот USA TODAY Sports, наведува дека Боуви била приближно во осмиот месец од бременоста и дека имала породилни болки кога починала.
Можните компликации вклучувале респираторен дистрес и еклапсија, ретка состојба која може да предизвика напади.
Патологот заклучил дека смртта на Тори Боуви била природна.
Нејзината агентка Кимберли Холанд, изјави за CBS News дека сега објавената вест ќе ги прекине „штетните“ нагаѓања за причината за смртта на спортистката.
„За жал, многу луѓе, вклучувајќи ги и медиумите, нагаѓаат дека самата себеси си сторила нешто, што е многу болно. Се надеваме дека сега, кога се знае вистината, ќе има многу извинувања“, изјави Холанд.