Проблемот со Слупчане е надминат, кој не плаќал сметки, ќе мора да ги плати, рече Ковачевски

-Проблемот со Слупчане е надминат. Екипи на ЕВН ќе направат увид, кој не ги плаќал сметките ќе мора да ги плати, бидејќи никој не е должен на некој друг да му плаќа електрична енергија, вели премиерот Димитар Ковачевски.

Тој одговарајќи на новинарско прашање посочи дека не станува збор за немање контрола од страна на државните институции, туку се работи за спроведување на работата на ЕВН која е приватна компанија.

-Не се работи за достапност на државни институции, туку за спроведување на работењето на приватна компанија. ЕВН е приватна компанија, странска директна инвестиција во државата и која има обврска да испорачува електрична енергија до секое домаќинство во државата и до малите потрошувачи. Со оглед на тоа дека на посоченото место имаше проблем со наплатата и со диво приклучување на електроенергетската мрежа, компанијата заедно со надлежните институции, а Министерството за економија е надлежно во делот на енергетиката, имаа разговори со градоначалникот на Општина Липково, и според кажувањата и на компанијата, и на градоначалникот, меѓутоа и на самите жители, тој проблем е надминат. Ќе влезат екипите на ЕВН кои ќе направат прво комплетен увид, во тоа кој бил приклучен на диво и ќе биде исклучен, кој не ги плаќал сметките ќе мора да ги плати и понатаму да продолжи нормално како на целата територија, рече Ковачевски коментирајќи ја интервенцијата на министерот за економија за да се дојде со солуција за проблемот.

Такви места, додаде тој, има повеќе. Не е само Слупчане, беше и во Арачиново, има и други места каде што исто така, се решава работата, бидејќи никој не е должен на некој друг да му плаќа електрична енергија, подвлече Ковачевски по доделувањето социјални станови на 27 семејства во Свети Николе.

Жители на Слупчане завчера се обидоа сами да се приклучат на електроенергетскиот систем при што направија голема штета на системот, оставајќи ги без струја и соселаните и жителите на уште три соседни села – Оризаре, Ваксинце и Лојане.

Од ЕВН соопштија дека дефектот наскоро ќе биде отстранет откако добиле гаранција од министерот за економија Крешник Бектреши и градоначланикот на Липково Еркан Арифи дека нивните екипи нема да бидат спречувани од локалните жители во извршување на работата.

-По добиените гаранции од страна на министерот за економија, кој заедно со градоначалникот на Липково се договори со жителите да не ги спречуваат екипите на електродистрибуција да работат и да започнат со проектот за реконструкција на мрежа и поставување нови мерни системи кои ќе овозможат точно мерење на електрична енергија, дефектот во Слупчане ќе се санира за скоро време, стои во соопштението од ЕВН.