Судскиот совет 5 месеци не презема мерки за санкционирање на ВД претседателот на Основниот суд Куманово за злоупотребите на АКМИС системот

Министерството за правда ве информира дека и покрај укажувањата и писмените дописи за констатирани неправилности во работата на Основниот суд Куманово, Судскиот совет одолговлекува и не постапува по Извештајот кој е изготвен од нивна страна и јавно објавен на веб страницата на Советот.

Имено, Судскиот совет беше во работна посета на Основниот суд Куманово на 1 февруари годинава и подготви Извештај  каде се констатирани низа нарушувања на угледот на судиската функција, направени се груби повреди на начелото на недеискриминација по било која основа,користење на несоодветен вокабулар, навреди и омаловажувања на вработените од страна на в.д претседателот на судот како и злоупотреба на АКМИС системот, кое во голема мера влијае на односите и работењето на судот.

Имајќи предвид дека Извештајот е јавно објавен , министерот за правда Кренар Лога на 11 април  испрати писмен допис до Судскиот совет во кој се бара преземање на соодветни мерки или дејствија по однос на констатираните наводи, а особено заради тоа што разгледувањето на Извештајот беше на дневниот ред на седница на Судскиот совет одржана на 13 март.

Во Извештајот се наведени и злоупотреби на АКМИС системот, исклучување на одредени судии од автоматската распределба на предмети.Од увидот на предметите во работната група констатирано е долго траење и одолговлекување на постапката, неуредно и неажурно верификување на предметите во АКМИС системот.

Од Судскиот совет добивме известување на 12 април дека дописот е доставен на запознавање и понатамошна надлежност и постапување до координаторот за следење на работата на Основниот суд Куманово, членот на Советот Ханиф Зендели.

Одговор не беше добиен, по што министерот за правда Кренар Лога  на 22 јуни испрати повторно до Судскиот совет УРГЕНЦИЈА за постапување по барањето за состојбите констатирани во Извештајот . Од изнесените 8 точки, 7 се однесуваат на состојбите во судот за констатирани нарушени меѓучовечки односи и некоректен однос на ВД претседателот на судот кон одредени вработени АКМИС системот.

На 29 јуни од страна на Заменик претседателот на Судскиот совет Ханиф Зендели доставен беше одговор дека е изготвен дополнителен извештај кој е потребно да се разгледа на седница на Судскиот совет по што ќе не информираат за констатираната состојба.

Министерството за правда уште еднаш го повикува Судскиот совет да постапи согласно своите надлежности, бидејќи неказнувањето на вакви случаи ќе доведе до дополнително нарушување на угледот на Советот, а со тоа и намалување на довербата во правосудството.

Министерството за правда и натму ќе остане да биде транспарентно и ќе ја информира јавноста за сите состојби со кои се нарушува угледот и довербата во правосудството.