Речиси половина од бегалците од Украина, кои по руската инвазија масовно пристигнаа во Германија, сакаат трајно да останат во оваа земја, произлегува од истражувањето од кое резултатите беа објавени во средата.
„Од повеќе од милион бегалци коишто во Германија стасаа по февруари минатата година, 44 отсто имаа намера долготрајно да останат во земјата, што е за 5 отсто повеќе отколку во последното истражување во летото минатата година“, вели Јулија Косјакова, водач на проектот „Миграција, интеграции и истражување на меѓународниот пазар на трудот“ од Институтот за истражување на трудот од Нирнберг (IAB).
Од оние кои немаат намера трајно да останат во Германија, 38 отсто сакаат да се вратат во Украина, а 30 отсто сакаат да го „задржат тесниот однос со Германија“, што значи делумно да живеат во оваа земја. Тоа особено се однесува на оние бегалци чијшто партнер сѐ уште живее во Украина.
Стапката на вработеност на украинските бегалци во Германија од 18 отсто само минимално се зголемила од последното такво истражување од пред една година. Авторите на студијата тоа го поврзуваат со фактот дека големо мнозинство Украинци во моментов ги посетуваат интеграциските курсеви, па затоа не се достапни на пазарот на трудот. И стапката на оние коишто го учат германскиот јазик од над три четвртини е многу висока.
Две третини од испитаниците, коишто на почетокот од годинава сѐ уште немале вработување, имаат намера во текот на годинава да започнат со работа.
Од милион украински бегалци коишто пристигнале во Германија во текот на минатата година, околу една третина се деца. Според истражувањето, повеќето деца во Германија се чувстуваат добро.
Авторите на истражувањето од германската влада побарале продолжување на специјалниот статус за украинските бегалци и по мај 2024 година и пружање на потрајна перспектива за нивно останување во Германија
До крајот на годинава на сила би требало да стапи и новиот германски закон за доселување, кој би требало да го олесни доселувањето на квалификувана работна сила во Германија, од што би можеле да имаат полза и бегалците од Украина кои ќе се решат да останат во Германија.