Новата политичка партија на Изет Меџити ќе се вика Демократско движење

Пратеникот и поранешен висок функционер на ДУИ Изет Меџити, одбра име на новата политичка партија. Ќе се вика Демократско движење, а следната недела таа и официјално ќе биде промовирана.

„Името беше објавено денеска по завршувањето на рокот за давање идеи од граѓаните преку онлајн платформата www.lëvizja.mk. Инаку, партијата Демократско движење официјално ќе биде промовирана на 13 август“, соопштија од таму.
Меџити ги повика граѓаните преку онлајн-платформа да му дадат име и слоган на новото движење

Меџити беше еден од предводниците на „огнената група“ во ДУИ која јавно изрази револт од актуелните функционери на оваа партија на чело со првиот вицепремиер Артан Груби. И во Собранието заедно со Мерита Коџаџику, тој излезе од пратеничката група на ДУИ и двајцата сега дејствуваат како независни. Со нив е и Кастриот Реџепи кој по разидувањето со Беса првично дејствуваше како независен, а набргу потоа се приклучи кон пратеничката група на интегративците.

Со Демократско движење пратеникот планира да учествува на наредните избори.

„Мислам дека ова за првпат се случува, некој поаради убедување, од позиција на власт, да премине во опозиција. Ова е доволен факт и аргумент дека ние сме сериозни и искрени во нашите намери и формирањето на новото политичко движење кое ќе биде опозициско“, изјави Меџити на 17 јули.
Инаку, 13 август е избран за датум за официјална промоција на Демократско движење, на денот кога 2001 година беше потпишан Охридскиот рамковен договор