Македонскиот претставник во Конференциската лига, скопски Шкупи објави денеска дека е казнет од УЕФА со 42.000 евра поради навивачките инциденти поврзани со минатонеделниот натпревар во Скопје против бугарскиот претставник Левски, лоцирајќи ја притоа вината кон дел од своите приврзаници.
„За клубот Шкупи досега се боревме, а отсега ќе водиме уште поголема борба. Сигурни сме дека со нас ќе бидат разумните навивачи на Шкупи, кои вистински го сакаат овој клуб. Ги молиме нашите надлежни институции да ги истражат овие настани. Од утре ќе поднесеме кривична пријава до Обвинителството и до полицијата, да ги испитаме овие прашања, бидејќи тоа не е ништо друго освен предавство“, велат од Шкупи.
Објавата доаѓа непосредно пред вечерашниот реванш натпревар против Левски во Софија во рамки на второто квалификациско коло во Конференциската лига.
На првиот натпревар во Скопје на кој Левски триумфираше со 2-0 допатуваа околу 900 бугарски навивачи кои поради инциденти на трибините на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, исто така, му донесоа казна на својот клуб од УЕФА во износ од 40.000 евра.