Белата куќа во четвртокот објави дека САД ќе и достават на Украина „критични“ системи за противвоздушна одбрана, но сè уште не со ракетите со долг дострел ATACMS што ги бара Киев.
Американскиот претседател Џо Бајден „одлучи дека нема да ги даде проектилите ATACMS, но не ја отфрли таа можност во иднина“, изјави на прес-конференција советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој е во посета на САД, претходно седмицава изјави дека ќе биде разочаран доколку мора да го напушти Вашингтон без моќни тактички проектили.
Саливан оцени дека благодарение на американската воена помош, украинските сили успеале „за три месеца да ослободат повеќе територии отколку што Русите освоиле за осум месеци“.
„Неколку големи украински градови денес не се под руска окупација или доминација. Пред сѐ, благодарение на храброста на украинските војници и на украинскиот народ кој ги поддржува, но исто така, и тоа не е занемарливо, благодарение на материјалната поддршка што ја дадовме“, тврдеше Саливан без да прецизира за кои градови и области станува збор.
Некои републикански пратеници бараат САД да престане да обезбедува финансиска и воена помош за Украина, сметајќи дека станува збор за изгубен случај.