Вработување лекари според националност како клучен критериум, за власта е законски

Наместо професионалноста и знаењето како примарен критериум за работа во здравството, во огласот за вработувања на три позиции кој објави гинеколошко акушерската клиника со напомена е наведено дека клучен критериум е етничката припадност.

За позицијата доктор на специјализација по гинекологија и акушерство на работа ќе се прима Албанец или Турчин, за доктор на специјализација по педијатрија исклучиво Албанец, а по анестезија и интензивна нега се бара Албанец или Ром.

„Не е битно дали е професионален и стручен лекар, туку да е Албанец, Турчин, Ром, добро луѓе дали сте нормални??? Па уште со напомена е ставено, да не случајно се залета некој друг, ич да не аплицирате. Јас нема да коментирам понатака само со цел свој авторитет ви кажувам дека ваков преседан не постои ви медицинскиот свет! Националност не постои во терциерна здравствена установа. Каква врска има националност со гинекологија и акушерство?“, праша доктор Ненад Лазаров на социјалните мрежи.

Прашани дали се ваквите критериуми соодветни за вработување на лица кои треба да се грижат за здравјето на граѓаните, министерот за здравство Меџити и премиерот Ковачевски одговорија едногласно, дека огласот е врз основа на Законот за вработени во јавниот сектор, кој предвидува правичната застапеност во сите институции.

-Ако вие мислите дека треба да го скршиме законот во ред, ние треба да го смениме законот. Јас сум кажал многу пати, етничка припадност не може да биде професија, етничка припадност е професија само на Западен Балкан, никаде на друго место во светот, рече премиерот Димитар Ковачевски.

Ваквиот оглас предизвика лавина од реакции на социјалните мрежи, меѓу кои се и од медицинската фела. Се пишува дека огласот е срамен бидејќи ваков преседан во медицинскиот свет не постоел, затоа што националноста не смее да биде критериум во терцијарното здравство. Други пак огласот го нарекуваат дискриминирачки.

 

Според претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска неуставни и незаконски се сите огласи за вработувања во јавната администрација во кои се бара кандидатите да бидат припадници на соодветна националност и рече дека пред Уставот сите се еднакви и нема никаква разлика дали некој е Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Влав, на последната средба со новинарите.