
Украинскиот контроверзен нацрт-закон за построги правила за мобилизација е повлечен од парламентот, а новата верзија е подготвена за владина ревизија, изјави во четвртокот вечерта министерот за одбрана Рустем Умеров.
Законот ќе му овозможи на Киев да регрутира повеќе луѓе во време на неговата речиси двегодишна војна против Русија. Оригиналниот нацрт-закон вклучуваше можност поканите за регрутирање да се доставуваат по електронски пат и низа строги санкции за оние кои нема да го почитуваат. Покрај тоа се намалуваше долната а се зголемуваше горната возрасна граница за воените обврзници подложни на мобилизација, а се однесуваше и на женската популација.
Киев тврди дека илјадници Украинци се пријавиле доброволно во војска веднаш по руската инвазија на 24-ти февруари 2022 година, и покрај сликите од преполните гранични премини и стотиците илјади украински мажи кои главно во западноевропските земји се пријавени како бегалци. Сепак, речиси две години по почетокот на војната, украинските функционери признаваат дека сѐ почесто многу мажи се обидуваат да го избегнат испраќањето на фронтот.
Предлог-законот, кој владата го поднесе на крајот на декември, како што тврдеше, по консултација со армијата, веднаш наиде на критики од јавноста и од политичарите. Пратениците и аналитичарите рекоа дека некои одредби од законот го прекршуваат Уставот и го зголемуваат ризикот од корупција, какви што беа забележани бројни случаи кои предизвикаа за смени во Министерството за одбрана и кривични постапки за некои функционери. Собраниската комисија за безбедност и одбрана со денови го разгледуваше предлог законот.
Премиерот Умеров во четвртокот рече дека предлогот е повлечен. Нацртот мора да помине низ неколку читања во парламентот, а потоа да биде потпишан од претседателот Володимир Зеленски.
Зеленски минатиот месец рече дека армијата предложила да се мобилизираат 450.000-500.000 дополнителни луѓе. Главниот украински командант Валериј Залужни, негираше дека побарал таква бројка од претседателот Зеленски кој тоа го изјави, и објасни дека тоаа бројка ги зема предвид воените планови и прогнозите за можни загуби во подолг период. Воените аналитичари тврдат дека бројката од половина милион се однесува на период од една година, што укажува, пак, на предвидувања за големи загуби што е главната причина за одбивањето на Украинците да одговорат на поканите за мобилизација.