За мир меѓу Палестинците и Израелците мора да се спроведе решение за две држави, вели рече Борел

Шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел повика на меѓународна мировна конференција на која ќе се подготви патоказ за решение за држави, за Израел и за Палестинците.

Постојат алатки за притисок врз Израел да учествува, рече тој.

„Постои првичен нацрт за мировен план кој ќе обезбеди силна безбедност за Израел и идната држава Палестина“, рече Борел.

Ако тој „предлог не биде договорен, тогаш постои можност“ за да се принуди ангажирањето на Израел, рече Борел.

Тој ја даде изјавата по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел, кој вклучуваше сет на меѓусебни разговори со нивните колеги од Блискиот Исток.

„Мислам дека не треба повеќе да зборуваме за мировниот процес на Блискиот Исток“, им рече Борел на новинарите по средбата. „Треба да почнеме да зборуваме конкретно за процесот на имплементација на решенија со две држави“.

„Мирот е многу општа цел“, рече тој. „Сите се согласуваат за потребата од мир. Никој не е против мирот. Овде зборуваме за мир преку конкретен процес“.

Сега, разговорот треба да биде за тоа како да се спроведе решение за две држави, рече Борел.

Обид за спроведување на решение со две држави

„Тоа е она што се обидуваме да го постигнеме и не се согласуваат сите со тоа“, рече тој. „Некои се за, некои се против… Ако Израел не го сака тоа решение, ќе им биде тешко да учествуваат во дискусиите за спроведување на тоа решение. Но, нема пречка сите други да го прават тоа“.

Израелското противење на палестинската државност не е ништо ново, рече Борел. „Израел е против тоа веќе 30 години“. Има неколку посебни иницијативи на маса, вклучително и од арапските нации и од Соединетите држави, рече Борел, додавајќи дека ЕУ оди со сопствен план.

Пред состанокот, Борел испрати документ за дискусија до 27-те земји-членки на ЕУ, предлагајќи патоказ за мир во поширокиот израелско-палестински конфликт.

Во срцето на планот е повикот за „подготвителна мировна конференција“ што ќе ја организираат ЕУ, Египет, Јордан, Саудиска Арабија и Арапската лига, со покана до САД и до Обединетите нации.

Сите членки на ЕУ се согласуваат дека ова е единственото остварливо решение што може да гарантира мир и безбедност и за Израелците и за Палестинците, рече Борел.

ЕУ сега ќе започне со подготовка за меѓународната конференција, рече Борел, додавајќи дека Европа има „морална обврска“ да го стори тоа. Тој одби да каже дали ќе му се наметне решение на Израел од меѓународната заедница.

Сите земји-членки на ЕУ се согласија дека приоритет е да се прошири хуманитарната помош, да се запрат сите израелски воени активности и да се реши прашањето за заложниците кои се држат во Газа, рече Борел.

„Помалку од 100, можеби 80 камиони влегуваат во Појасот дневно, во споредба со повеќе од 500 пред војната“, рече тој.

Жителите на Газа сега се соочуваат со глад, рече Борел.

„Приоритет е да се запре бомбардирањето“, рече Борел, додавајќи дека не верува дека војната ќе донесе безбедност на Израел.

Немаше едногласност на ниво на Советот на ЕУ за поддршка на прекин на огнот, рече Борел.

 

Министрите за надворешни работи разговараа и за „санкциите против екстремистите и насилните доселеници на Западниот Брег“, рече Борел, а „работата е во тек. Се надевам дека ќе биде одобрено од земјите-членки“.