Вработените во ДИЦ го прекинаа штрајкот – интензивни подготовките за државната матура

Штрајкот за повисоки плати во Државниот испитен центар е прекинат и од денеска вработените продолжуваат со извршувањето на своите секојдневни обврски и надлежности, информира Министерството за образование и наука каде што вчера била одржана средба на министерот Јетон Шаќири со директорката на ДИЦ, Билјана Михајловска.

-Потпишана е измена на Колективниот договор со која е овозможено зголемување на приходите на вработените со преминот во системот на плати согласно Законот за административните службеници и со додатокот на плата од самофинансирачките активности на институцијата кој е обезбеден до крајот на 2024 година, соопшти МОН.

Министерот Шаќири и директорката Михајловска на средбата разговарале за повеќе процеси кои претстојат што се во надлежност на оваа институција која, како што наведува МОН, има клучна улога во нивната реализација.

– Драго ми е што работата на Државниот испитен центар како важна институција во рамки на воспитно- образовниот систем во државата се нормализира. Ја поздравувам одлуката на вработените во ДИЦ да продолжат со извршувањето на своите секојдневни обврски и активности, со што не се доведува во прашање остварувањето на правата на граѓаните кои произлегуваат од делокругот на работа оваа институција, рекол Шаќири.

Според директорката Михајловска, како што наведува МОН, државната матура како најкрупен процес под надлежност на ДИЦ, ќе се спроведе квалитетно и во предвидените рокови.

-Интензивни се подготовките, што подразбира креирање на базите со прашања, протоколите и печатење на испитните материјали. Во координација со средните училишта се подготвува спроведување на екстерните испити во големи простории што ќе овозможи и поголема објективност на резултатите. Вработените во ДИЦ прават максимални напори со единствена цел – матурантите да ги имаат најдобрите услови за непречено и релаксирано полагање на испитите од државната матура, се наведува во објавата на МОН.