Најмалку 112 загинати, стотици исчезнати во шумските пожари во Чиле

Најмалку 112 луѓе загинаа а стотици други се водат како исчезнати во шумските пожари што го зафатија централниот дел на Чиле, соопштија властите во неделата ноќта, додека претседателот Габриел Борич предупреди дека земјата се соочува со „трагедија од многу големи размери“.

Шумските пожари кои избувнаа пред неколку дена им се закануваат на рабните населби на туристичките градови Виња дел Мар и Валпараис, кои заедно бројат повеќе од милион жители.

Снимките од дронови на агенцијата Reuters во областа Виња дел Мар покажуваат изгорени цели населби, жители кои бараат меѓу остатоците од изгорените домови и улици преполни со уништени автомобили. Пожарите изгореа со најголем интензитет околу градот Виња дел Мар, каде што познатата ботаничка градина основана во 1931 година беше уништена од пламените јазици во неделата. Најмалку 1.600 лица останаа без домови во овој град.

Неколку населби на источниот раб на Виња дел Мар беа проголтани од пламен и чад, заробувајќи некои луѓе во нивните домови. Официјални лица соопштија дека 200 лица се водат како исчезнати во Виња дел Мар и околината. Градот со 300.000 жители е популарно крајбрежно одморалиште, а исто така е домаќин на многу познат музички фестивал за време на летото на јужната хемисфера.

Властите во најтешко погодените области воведоа полициски час по 21 часот по локално време и ја испратија војската да им помогне на пожарникарите во напорите за запирање на ширењето на пожарите, додека од воздух се прават обиди стихијата да се скроти со исфрлање вода од хеликоптери.

Чилеанската медицинска служба соопшти дека 112 лица загинале во пожарите, а 32 тела биле идентификувани. Претходно во неделата, претседателот Борич, прогласувајќи дводневна национална жалост, рече дека Чиле мора да се подготви за уште лоши вести.

„Таа бројка сигурно ќе порасне, значително ќе порасне“, рече Борич во телевизиското обраќање до нацијата.

Борич рече и дека бројот на загинати може да се зголеми  бидејќи спасувачките екипи пребаруваат низ домовите кои се уништени. Некои од оние кои се примени во болниците, исто така, се во критична состојба.

Родриго Мундака, гувернер на регионот Валпараисо, каде што се наоѓаат Виња дел Мар и другите погодени градови, во неделата рече дека верува оти некои од пожарите би можеле да бидат намерно предизвикани, повторувајќи ја теоријата што, исто така, беше спомната во саботата од Борич.

„Овие пожари започнаа во четири точки кои светнаа истовремено“,

Родриго Мундака, гувернер на регионот Валпараисо, каде што се наоѓаат Виња дел Мар и другите погодени градови, во неделата рече дека верува оти некои од пожарите би можеле да бидат намерно предизвикани, повторувајќи ја теоријата што исто така беше спомната во саботата од Бориќ.

„Овие пожари започнаа во четири точки кои светнаа истовремено. Како власти ќе мораме ригорозно да работиме за да откриеме кој е одговорен“, рече Мундака.

Во саботата, Борич рече дека невообичаено високите температури, ниската влажност и големата брзина на ветерот го отежнуваат контролирањето на шумските пожари во централно Чиле, кои веќе изгореа 8.000 хектари шума и урбани области.

Борич во неделата прелета над дел од областите изгорени од пожарите и посети училиште кое е претворено во засолниште за раселените. Тој рече дека претседателската куќа за одмор на брегот на Виња дел Мар, која е опкружена со големи градини, привремено ќе биде претворена во рекреативен центар за децата на семејствата погодени од пожарите.

Иако шумските пожари не се невообичаени во текот на летото на јужната хемисфера, смртносноста на сегашните пожари ги прави најголемата национална катастрофа во земјата по земјотресот во 2010 година во кој загинаа стотина лица.

Минатата година, во рекордниот топлински бран починаа триесеттина лица, а беа погодени повеќе од 400.000 хектари земја.

„Сите сме заедно во борбата против оваа вонредна ситуација. Приоритет е спасувањето живот“, додаде претседателот Борич.