ВИДЕО| Мајката на Навални ги обвинува истражителите дека сакале да организираат таен погреб

Мајката на Алексеј Навални – Људмила во четвртокот, откако ѝ беше овозможено да го види телото на починатиот син, ги обвини руските истражители дека планираат „таен“ погреб за нејзиниот син и рече дека нема да се согласи на тоа.

„Тие сакаат тоа да се направи тајно, без збогување. Сакаат да ме доведат до работ на гробиштата, на свеж гроб и да речат: тука лежи вашиот син. Не се согласувам со тоа”, вели таа во видеото емитувана на YouTube.

Руските истражители не реагираа на тврдењата на мајката на Алексеј Навални, пренесува Reuters.

Навални, најпознатиот руски опозициски блогер последните неколку години кого западната јавност го гледаше како политичар кој треба да сепротистави на претседателот Владимир Путин, ненадејно почина минатата седмица во казнена колонија на Арктикот. Неговиот тим и семејството тврдат дека тој бил убиен од Кремљ, што руските власти жестоко го негираат.

Људмила Навални рече дека ѝ го покажале телото на Алексеј и потврдата за смртта во која се наведува дека Навални починал од природна смрт.

„Истражителите тврдат дека ја знаат причината за смртта, ја имаат подготвено целата медицинска и правна документација, која ја видов и потпишав на лекарското уверение за смртта“, вели таа во видеото облечена во црно и со смирен глас.

„Согласно законот, веднаш требаше веднаш да ми го предадат телото на Алексеј, но тоа сѐ уште не го направија. Наместо тоа, ме уценуваат, поставувајќи услови каде, кога и како треба да биде погребан Алексеј. Ова е незаконски“, додава Људмила Навални.

Таа, исто така, тврдеше дека го снима видеото „затоа што почнаа да ми се закануваат. Гледајќи ме в очи, велат дека ако не се согласам на таен погреб, ќе направат нешто со телото на мојот син”.

Људмила Навалана тврди дека еден од истражителите наводно ѝ рекол: „Времето не е на ваша страна, трупови се распаѓаат“.

„Не сакам посебни услови. Само сакам сѐ да се прави според законот. Барам телото на мојот син веднаш да ми биде вратено“, изјави Људмила Навални.