Американскиот претседател Џо Бајден во петокот најави воведување на повеќе од 500 нови санкции против Русија како одговор на смртта на рускиот опозициски блогер Алексеј Навални и еден ден пред втората годишнина од почетокот на војната во Украина.
„Денеска објавувам повеќе од 500 нови санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина и смртта на Алексеј Навални, кој беше храбар активист, борец против корупцијата и најжесток опозициски противник на Путин“, рече Бајден.
„Овие санкции ќе бидат насочени кон поединци поврзани со притворот на Навални, тие ќе бидат насочени кон рускиот финансиски сектор, индустриската одбранбена база, мрежите за набавки и сите оние кои ги избегнуваат санкциите на повеќе континенти. Тие ќе се погрижат Путин да плати уште повисока цена за агресијата врз странски земји и репресијата што ја врши дома“, додаде американскиот претседател.
И Киев се подготвува да ја одбележи втората годишнина од почетокот на руската инвазија на 24-ти февруари 2022 година, што како што објави рускиот претседател Владимир Путин започна поради заштита на руското и рускојазичното население во Украина од етничкото чистење и репресалиит од силите лојални на Киев, како и за демолитаризација и на денацизација на соседната земја чиј претседател Володимир Зеленски само неколку месеци претходно внесе уставни измени со кои Украина треба да стане членка на НАТО, како и да стане нуклеарна сила, што Русија го смета за прашање од животна важност за нејзината безбедност и опстанок. Со западна воена и финансиска помош, Украина засега неуспешно се обидува да ги поврати областите на истокот и југот кои сега се под руска контрола.
САД и другите западни земји веќе воведоа бројни санкции кон Русија, а во средата претставниците на 27 земји-членки на ЕУ се договорија за дополнителни санкции против Кремљ. Конкретните мерки на новите американски санкции се очекува да бидат објавени во текот на денот.
Американската телевизија CNN објави дека тие би можеле директно да се однесуваат на претседателот Путин. Во четвртокот Бајден се сретна со сопругата и ќерката на Алексеј Навални во Калифорнија.
Жестокиот критичар на Кремљ, осуден за повеќе финасиски малверзации и непочитувања на судските одлуки, почина минатата седмица во руски затвор во Сибир, на 47 години. Западот сака целосна истрага за неговата смрт. Џо Бајден е меѓу оние кои го обвинуваат директно Путин за смртта на Навални.