Тајванската влада во средата соопшти дека седум лица загинале а уште 736 се повредени во земјотресот со јачина од 7,2 степени според Рихтеровата скала, најсилниот што го погодил островот во последните 25 години и дека 77 луѓе се затрупани под урнатините.
По земјотресот беше издадено предупредување за цунами за јужниот дел на Јапонија и Филипините, кое подоцна беше укинато. Епицентарот на земјотресот е регистриран на околу 18 километри јужно од градот Хуалиен, соопшти Американскиот геолошки институт (USGS).
Тајванската влада соопшти дека седум лица загинале во планинскиот, ретко населен источен округ Хуалиен, во близина на епицентарот на земјотресот.
Потресите се почувствувани дури до главниот град Тајпеј, а телевизиските станици емитуваа снимки од згради како силно се нишаат додека луѓето одат на работа, а децата на училиште.
Огромни одрони се случија во оддалечениот планински регион Хуалиен, предизвикувајќи штета за која може да бидат потребни недели за да се санираат.
„Беше многу силно. Се чинеше дека куќата ќе се урне“, вели Чанг Ју-лин, 60-годишен работник во болница во Тајпеј.
Претседателската канцеларија соопшти дека новоизбраниот претседател Лаи Чинг-те, кој ќе ја преземе функцијата следниот месец, ќе го посети Хуалиен подоцна во среда.
Видеата покажуваат дека спасувачите користат скали за да им помогнат на луѓето да излезат од прозорците, додека масивни лизгања на земјиште се забележани на други места.
Силни потреси беа почувствувани и во системот на метрото на Тајпеј, кој беше накратко затворен за да се евакуираат патниците, иако повеќето линии набрзо потоа продолжија со работа.
Јапонската метеоролошка агенција, која ја оцени јачината на земјотресот на 7,7 степени, соопшти дека неколку мали бранови цунами стигнале до делови од јужната префектура Окинава.
Филипинската сеизмолошка агенција издаде предупредување за жителите во крајбрежните области на неколку провинции, повикувајќи ги да се евакуираат на повисоките места.
Тајван, исто така, издаде предупредување за цунами, но пријави дека нема штета, а Пацифичкиот центар за предупредување од цунами на Хаваи подоцна соопшти дека ризикот од бранови поминал.
Според тајванската Централна метеоролошка управа, се уште може да се почувствуваат последователни потреси во Тајпеј, со регистрирани повеќе од 50 последователни потреси.
Кинеските државни медиуми јавија дека земјотресот бил почувствуван во кинеската провинција Фуџијан, додека сведок на Ројтерс изјави дека земјотресот бил почувствуван и во Шангај.
Енергетската компанија „Тaipower“ соопшти дека најголемиот дел од електричната енергија е обновена, додавајќи дека двете нуклеарни централи на островот не биле погодени од земјотресот.
Тајванскиот оператор за брза железница соопшти дека нема извештаи за штета или повредени во неговите возови, но рече дека возовите ќе доцнат додека врши инспекции.
Државната новинска агенција соопшти дека тоа е најсилниот земјотрес од 1999 година, кога земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтер го погоди Тајван, при што загинаа околу 24.000 луѓе, а беа уништени или оштетени 50.000 куќи.