Амстердам: Паркинг простор достигна цена од речиси половина милион евра

Паркинг простор во близина на Вонделпарк, најголемата зелена површина во Амстердам, се продава за речиси половина милион евра, што е шокантна цена дури и за Холандија, каде што цените експлодираа поради тешката станбена криза.

Споменатиот паркинг простор е огласен на огласникот за недвижности на Funda за 495.000 евра и е најскап во земјата, пишува холандската медиумска куќа RTL.

Има површина од 18 квадратни метри и се наоѓа, според агенцијата за недвижности „J.Heule“, во затворен комплекс и „на најпознатата и ексклузивна шопинг улица во Холандија“.

Се наоѓа на „P.C. Hooftstraat“, близу познатите Ријкмусеум и музејот на Ван Гог, а исто така може да се изнајми за 750 евра месечно.
з
Огласот ја шокираше Холандија, која инаку е погодена од тешка станбена криза. Имено, бараната цена за паркингот е повисока од просечната цена на стан во Холандија, којашто, според извештајот објавен на крајот на 2023 година, изнесува 430.000 евра.

Покрај скокот на цените, RTL истакнува дека во Холандија се затворени многу паркинзи во центрите на градовите за тие да бидат помалку атрактивни за автомобилите.

Местата за паркирање се „сè поретки и нивната вредност се зголемува, но секако таквиот простор не вреди половина милион евра“, пишува RTL.

Со ова не се согласува основачот на агенцијата за недвижности, кој посочува дека населбата во која куќите се продаваат за неколку милиони евра е преполна со скапи станови и автомобили.

„Нема надворешен простор, така што паркирањето на овој простор е многу тешко и ретко има место за паркирање“, објаснува тој.

Во прилогот на RTL се посочува и дека страницата на огласникот Funda, на која е објавен огласот, не контролира дали бараните цени одговараат на вредноста на она што се продава.

„Зависи само од тоа дали некој е доволно луд да ја плати таа сума“, посочуваат тие.