Во април пад на индустриското од 1,2 отсто

Индустриското производство во април годинава во однос на истиот месец лани е намалено за 1,2 проценти, а за 2,6 проценти во првите четири месеци од годинава споредено со истиот период минатата година, објави денеска Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство бележи опаѓање од 39,6 проценти во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, а пораст во секторите Рударство и вадење на камен од 0,3 проценти и во Преработувачка индустрија од 4,7 проценти.

Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во одделите: Производство на прехранбени производи, на пијалаци, на текстил, на хартија и производи од хартија, печатење и продукција на снимени медиуми (записи), на хемикалии и хемиски производи и друго.

Според главните индустриски групи, производството во април во однос на истиот период лани бележи пораст кај Капитални производи за 17,2 проценти и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 1,9 проценти, додека опаѓање бележи кај Енергија за 37,1 процент, Интермедијарни производи, освен енергија за 1,3 проценти и Трајни производи за широка потрошувачка за 3,5 проценти.