Макрон сè посклон да ја поддржи Фон дер Лајен за шефица на ЕК

Францускиот претседател Емануел Макрон е сè повеќе склон да ја поддржи Урсула фон дер Лајен за уште еден мандат како претседателка на Европската комисија, откако нејзината централнодесничарска групација Народната партија (EPP) постигна силен успех на изборите за Европскиот парламент, изјавија два извора за Reuters.

Макрон не ја поддржа експлицитно фон дер Лајен откако таа одлучи да се кандидира за втор мандат. Иако беше клучен за нејзино поставување на чело на телот на извршната власт на Европската унија во 2019 година, овојпат понуди други опции, вклучувајќи го и Италијанецот Марио Драги, поранешен претседател на Европската централна банка (ECB) и италијански премиер.

Одлуката на Макрон да распише предвремени избори во Франција по поразителниот резултат на изборите за Европскиот парламент ​​во неделата е една од причините за поддршката на Фон дер Лајен, рекоч еден од изворите.

„Тој не сака да додаде (европска) нестабилност на француската нестабилност“, изјавил француски извор близок до Макрон за Reuters под услов да остане анонимен.

Другиот извор рекол дека Фон дер Лајен е поттикната од силните резултати на нејзината централнодесничарска Европска народна партија (EPP). Изворот рекол дека Париз најверојатно ќе ја поддржи во замена за посветеност на приоритетите на Франција во ЕУ, без да даде поединости.

Европската народна партија е водечка по изборите за Европскиот парламент, освојувајќи 186 места во 720-члениот парламент, според привремените резултати.

Друг извор, кој е запознаен со размислувањето на Макрон, но не сакал да биде именуван поради чувствителноста на темата, го навел Португалецот Антонио Кошта како најверојатен кандидат за функцијата претседател на Европскиот совет.