На девизните пазари во средата падна вредноста на американскиот долар во однос на кошничката валути.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, претпладнево се движи околу 101,45 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 101,69 поени.
Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута потона од вчерашните 143,30 на 141,50 јени, што е најниско ниво во последните осум месеци.
Американската валута ослабе и во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,1040 долари, додека вчера во истиот пердиот од тргувањето изнесуваше 1,1030 долари.
Цените на нафтата, пак, повратија дел од вчерашните загуби, кога остро паднаа откако Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) ја намали проценката за побарувачката за оваа и следната година поради бавниот раст на најголемите светски економии.
Цената на барелот на лондонскиот пазар претпладнево зајакна за 0,61 отсто, на 69,60 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,62 отсто, на 66,15 долари.