Нетанјаху во ОН: Израел бара мир додека се бори за својот живот

Израел бара мир и покрај тоа што се бори за својот живот против „дивите непријатели“ кои сакаат негово уништување, рече премиерот Бенјамин Нетанјаху во петокот во внимателно следеното обраќање до Обединетите нации.

„Мојата земја е во војна, се бори за живот. Мораме да се браниме од овие дивјачки убијци. Нашите непријатели не сакаат само да не уништат, тие сакаат да ја уништат нашата заедничка цивилизација и да не вратат сите во темните доба на тиранијата и теророт“, рече Нетанјаху во говорот пред Генералното собрание на ОН.

Говорот на Нетанјаху се одвиваше истовремено додека Израел продолжи да напаѓа цели на шиитското движење Хезболах во јужен Либан поради стравувањата дека нападите би можеле да прераснат во сеопфатна регионална војна.

Во своето обраќање израелскиот премиер се обиде да го обвини Иран, најголемиот непријател на Израел, за конфликтот. Нетанјаху рече дека Израел се брани од Техеран на седум фронта.

„Нема место во Иран до кое долгата рака на Израел не може да допре. И тоа важи за целиот Блиски исток. Далеку од тоа дека биле јагниња кои се водат на колење, израелските војници возвратија со неверојатна храброст“, рече Нетанјаху што беше проследено со аплауз од претставниците на земјите израелски сојузници, додека многу делегаи, вклучително и Иранците, ја напуштија салата.

Некои дипломати ја напуштија салата веднаш штом дојде израелскиот премиер, пренесе AFP.

„Имам уште една порака за ова собрание и за светот надвор од оваа сала: Ние победуваме“, рече Нетанјаху.

Израел ќе продолжи со дискусиите за предлозите за прекин на огнот во Либан во наредните денови, рече Нетанјаху претходно во петокот, додека Вашингтон предупреди дека натамошната ескалација ќе го отежне враќањето на цивилите од двете страни во своите домови.

Министерот за надворешни работи на Израел во четвртокот ги отфрли глобалните повици за прекин на конфликтот со Хезболах и запирање на воздушните напади во кои загинаа стотици луѓе во Либан и ги поттикнаа стравувањата од регионална војна. Тој, исто така, рече дека војната во Газа може да заврши доколку борците на сунитското палестинско движење Хамас, кои изведоа напад без преседан кој ги постами израелски разузнавачки служби и војската ланскиот 7 октомври во јужен Израел, се предадат, го остават оружјето и ги ослободат заложниците земени во нападот.