Европските берзи пораснаа по изборите во САД

На европските берзи во средата во претоладневното тргување цените на акциите значително пораснаа, како и американските термински (фјучерс) индекси, бидејќи, според сите пресметки, републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп ќе се врати во Белата куќа.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек од тргувањето порасна за 1,1 отсто.
Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 1,03 отсто, на 8.257 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 1,13 отсто, на 19.475 поени, а париски CAC 1,50 отсто, на 7.518 поени.

Како што доаѓаат изборните резултати од одделни американски држави, сè поверојатно е дека Доналд Трамп, а не кандидатот на демократите Камала Харис, ќе победи на изборите за Белата куќа.

На Волстрит, се чини, му е удобно победата на Трамп. Веќе вчера Dow Jones, S&P 500 и Nasdaq пораснаа за повеќе од 1 отсто, а утрово фјучерсите индекси се во пораст за повеќе од 1 отсто, па денеска се очекува натамошен силен раст на цените на акциите на најголемата светска берза.

Ова ги охрабри и европските инвеститори.

А на повеќето азиски берзи цените на акциите паднаа. Азискиот индекс MSCI беше во минус од 0,3 отсто во истиот пресек од тргувањето како и во Европа. Во исто време, индексот Nikkei скокна за повеќе од 2,5 отсто на токиската берза, додека цените на акциите во Австралија пораснаа за 0,8 отсто. Во Шангај, Јужна Кореја и Хонгконг тие паднаа меѓу 0,1 и 2,3 отсто.

На кинеските берзи цените на акциите паднаа, бидејќи веројатната победа на Трамп предизвика загриженост, со оглед на тоа што Трамп воведе царини за увоз на кинески производи за време на минатиот претседателски мандат, а во актуелната кампања најави воведување царини од 60 или повеќе проценти на кинески производи.

„Изгледите за победа на Трамп се зголемија, така што кинеските инвеститори стравуваат од натамошно зголемување на тензиите околу трговските односи и конкуренцијата во технолошкиот сектор“, вели Стивен Леунг, директор во „UOB Kay Hian“.