Дел од приватните автобуси почнуваат да возат од понеделник

Од понеделник во јавниот градски превоз се вклучуваат и приватните превозници, но не со целиот капацитет. Нивните претставници денеска изјавија дека во сообраќај ќе се вклучат оние превозници кои имаат финансиски можности.

Тие апелираат до градоначалничката на Град Скопје, советниците и до Владата на заеднички состанок да најдат заеднички прифатливо решение за нивното барање за зголемување на цената за изминат километар.

– Приватните превозници ќе го дадат својот максимум од понеделник. Ќе се вклучиме во раните утрински часови онолку колку што можеме, не со целиот капацитет, со цел за неколку дена да им излеземе во пресрет на граѓаните во градот Скопје. Воедно, ја користиме оваа прилика да се обратиме до сите советници во Градот Скопје. Ве молиме со консензус да изгласате покачување на цената за изминат километар, со цел подобрување на состојбата во јавниот градски превоз. Со покачена цена се обврзуваме да го обновиме нашиот возен парк со еколошки климатизирани автобуси – изјави денеска Јовица Зафировски.

Тој посочи дека приватните превозници имаат 200 автобуси и дека можат да го покријат недостатокот на автобуси во ЈСП, доколку се најде заеднички прифатливо решение со Градот.

– Ние имаме 200 автобуси, можеме да го покриеме недостатокот на автобуси во ЈСП и целата криза ќе заврши многу брзо. Ќе оставиме простор на состанокот да видиме какви се можностите на Град Скопје – рече Зафировски.