Министерството за внатрешни работи, предводено од министерот Панче Тошковски, очигледно целосно потфрли во превенцијата и контролата на ситуацијата. Граѓаните имаат право да прашаат – зошто полицијата не беше присутна и зошто немаше брза и одлучна интервенција за спречување на овие инциденти? Министерството мора да објасни зошто не ја презеде својата одговорност и дали воопшто имало план за управување со ваквите ситуации. Очигледно МВР воопшто ниту била подготвена да реагира, ниту имала увид во она што се случувало во текот на речиси целиот ден вчера, велат во соопштение од опозициската СДСМ.
СДСМ прашува: каде беа вчера вечер премиерот Христијан Мицкоски и министерот Панче Тошковски, да се обратат со државнички пораки за смирување на состојбите? Наместо тоа, нивната тишина само ги продлабочи тензиите и создаде чувство дека институциите се парализирани. Наместо лидерство и одговорност, сведочиме на отсуство на реакција од ВМРО-ДПМНЕ, која целосно ја занемари својата должност кон граѓаните.
СДСМ бара Мицкоски и Тошковски веднаш да излезат пред граѓаните и да објаснат зошто превенцијата целосно потфрли? Министерството за внатрешни работи мора итно да ги преземе сите потребни мерки за идентификација и казнување на сторителите. Законот мора да важи подеднакво за сите граѓани.
Почитувањето на симболите и идентитетот на секоја заедница е клуч за заедничкиот напредок. Секое однесување кое предизвикува поделби и тензии е спротивно на вредностите на едно општество за сите и мора да биде санкционирано.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ покажува неспособност да управува со кризни ситуации. СДСМ останува посветена на заштитата на државните симболи, достоинството на граѓаните и зачувувањето на меѓуетничкиот соживот, додаваат во соопштението на партијата.