Американското Министерство за финансии во вторникот објави дека американскиот дел од вкупниот заем од 50 милијарди долари на групата Г7 за Украина е префрлен во посредничкиот фонд на Светска банка за економска и финансиска помош за земјата разорена од војната.
Исплатата пред инаугурацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп на 20 јануари е со цел да се заштитат средствата од новата републиканска администрација, од страна на сегашната на демократот Џо Бајден која во низа презема такви чекори.
Трамп повеќепати се пожали дека САД премногу ѝ помагаат на Украина и најави дека брзо ќе ја заврши војната, но не и како ќе го направи тоа.
Заемот од 50 милијарди долари во период од 30 години ќе се сервисира со приходи од камати од околу 300 милијарди долари замрзнати руски средства. Земјите во Г7 со месеци дебатираа за планот и ги договорија своите услови – и покрај предупредувањата од стручњаците дека се коси со меѓународното право и дека може да доведе до нарушување на глобалните финансиски текови – во октомври, непосредно пред изборната победа на Трамп.
Министерството за финансии на САД соопшти дека средствата се префрлени во нов фонд на Светска банка за поддршка на Украина. Извршниот одбор на глобалниот кредитор го одобри создавањето на фондот во октомври. Русија во ова тело се спротивстави.
Американската министерка за финансии Џенет Јелен лично го надгледуваше персоналот што ги префрли 20 милијарди долари во фондот на Светската банка, изјави претставник на одделот.
„Овие средства – обезбедени со неочекувани пари од имобилизирана руска сосптвеност – ќе ѝ дадат на Украина клучна поддршка додека ја брани својата земја од неиспровоцирана војна на агресија“, рече Јелен.
„Износот од 50 милијарди американски долари заеднички обезбедени од Г7 преку оваа иницијатива ќе помогне да се обезбеди Украина со потребните ресурси за одржување на службите за итни случаи, болниците и другите основи на нејзиниот храбар отпор“, додаде Јелен.
Според условите на заемот од Г7, Европската унија ќе придонесе 18,115 милијарди евра, Канада со пет милијарди канадски долари (3,52 милијарди долари), Велика Британија 2,258 милијарди фунти (2,88 милијарди долари) и Јапонија 471,9 милијарди јени (3,11 милијарди долари).
Бројни економисти, правници, адвокати и експертите велат дека една од најверојатните руски противмерки ќе биде запленувањето на финансиските средства на странските инвеститори кои моментално се чуваат на специјални сметки „тип Ц“, кои се блокирани од пристап до нив од почетокот на војната, освен ако Москва не одлучи поинаку.
Најмалку 260 милијарди евра руски средства, како што се резервите на централната банка, се замрзнати под санкциите наметнати на Москва поради нејзината војна во Украина. Околу 190 милијарди се чуваат во „Euroclear“, финансиска институција со седиште во Брисел чијашто челничкка уште во февруари предупреди дека таквите акции би ја поткопала довербата во западните и глобалните финансиски институции, како и дека би било заобиколување на меѓународното право.
Москва повеќепати предупреди дека може да возврати со заплена на 280 милијарди евра западен капитал. Во извештајот објавен кон крајот на јануари, беа наведени податоци според кои вредноста на директните инвестиции на ЕУ, членките на Г7, Австралија и Швајцарија во руската економија на крајот на 2022 година изнесувале вкупно 288 милијарди долари.
Вредноста на инвестициите на земјите од ЕУ изнесувала 223,3 милијарди долари на крајот на 2022 година, а речиси половина од таа сума, односно 98,3 милијарди долари, официјално му припаѓа на Кипар. Поради поволните прописи, многу странци, меѓу кои и руски државјани, отворија сметки во Кипар. Следува Холандија со 50,1 милијарди долари инвестиции и Германија со 17,3 милијарди.
Меѓу петте најголеми европски инвеститори во руската економија е Франција со средства и инвестиции во вкупна вредност од 16,6 милијарди долари и Италија со 12,9 милијарди долари. Меѓу земјите од Г7, е наведена и е Велика Британија во групата водечки инвеститори со средства во Русија од 18,9 милијарди долари. Вредноста на американските инвестиции во Русија на крајот на 2022 година изнесувале 9,6 милијарди долари, јапонските 4,6 милијарди и канадските 2,9 милијарди долари.
Швајцарија и Норвешка обично донесуваат антируски мерки, а кон крајот на 2022 година вредноста на нивните средства изнесувала 28,5 милијарди и 683 милиони долари, соодветно.