Парламентот на Молдавија доцна ноќта кон петокот гласаше за воведување национална вонредна состојба во текот на 60 дена, почнувајќи од 16 декември, поради очекуваниот прекин на испораките на руски гас од 1 јануари следната година.
Од 101 член на парламентот, 56 ја поддржаа мерката на гласање веднаш по полноќ, по повикот на премиерот Дорин Рецеан за воведување вонредна состојба за да се обезбеди потребниот гас за молдавскиот сепаратистички регион Придњестровје.
„Тоа беше гласање за ставање крај на гасната уцена од Москва“, рече премиерот.
Имено, прогласувањето вонредна состојба ѝ овозможува на владата брзо да реагира и да го ограничи извозот на енергија.
Како што пишува Reuters, Молдавија добива руски природен гас преку Украина, која соопшти дека нема да го продолжи транзитниот договор со рускиот гасен гигант „Газпром“. Договорот истекува на 31 декември 2024 година.
Рецин тврди дека рускиот претседател Владимир Путин наводно „сака да го остави населението на Придњестровје без гас и струја и да ги држи како заложници“. „Москва го прави тоа за да ја дестабилизира ситуацијата во Молдавија“, тврди пророманскиот молдавски премиер.
Регионот Придњестровје инаку е фактички отцепен од Молдавија по кусата војна од почетокот на 1990-те со распадот на Советскиот сојуз, кога тамошното доминантно проруско население се побуни против тенденциите за присоединување на поранешната советска република на Романија.
Молдавија добива околу две милијарди кубни метри гас годишно од Русија, а од 2022 година е во сила договор целиот руски гас да оди во Придњестровје, откако проевропските влади во Кишињев се приклучија на антируските санкции.
Придњестровје, кое нема меѓународно признавање, во вторникот прогласи сопствена вонредна економска состојба.
Рецеан рече дека прашањето за транзит низ Украина е „вештачки проблем“ бидејќи рускиот гас може да се движи низ други рути.
Испораките преку Молдавија, сепак, би можеле да бидат проблематични бидејќи „Газпром“ во разговорите го поврза продолжувањето на испораките преку алтернативни рути со барањата Молдавија да го плати долгот за минати испораки, кој според руските пресметки изнесува 709 милиони долари, забележува Reuters.