Поранешниот пакистански премиер Имран Кан осуден на 14 години затвор

Пакистанскиот суд во петокот го осуди поранешниот премиер Имран Кан на 14 години затвор за корупција, што претставува удар за новоотпочнатите преговори меѓу неговата партија и владата за смирување на политичката нестабилност во земјата.

Пресудата ја донесе антикорупцискиот суд во затворот во градот Равалпинди, седиштето на пакистанската армија, каде Кан е притворен од август 2023 година.

Сопругата на Кан, Бушра Биби, исто така, е осудена и ѝ е изречна казна од седум години затвор. Таа беше на слобода со кауција, но беше приведена по објавувањето на одлуката на судот.

Министерот за право Азам Назир Тарар им рече на новинарите дека партијата на Кан може да поднесе жалба на одлуката до повисоките судови и дека 72-годишната поранешна ѕвезда на крикет може да побара помилување од претседателот. Помошникот на Кан, Омар Ајуб најави дека партијата ќе поднесе жалба на пресудата.

Кан и неговата сопруга беа осудени под обвинение дека компанија за недвижнини им подарила земјиште во замена за нелегални услуги додека тој беше премиер помеѓу 2018 и 2022 година.

Случајот е поврзан со Фондацијата Ал-Кадир, невладина хуманитарна организација која брачната двојка ја основа додека Кан беше на власт. Обвинителите тврдат дека е формирана специјално за стекнување на земјиштето, а партијата на Кан тврди дека тоа не било наменето за лична корист, туку за духовна и образовна институција што ја основал поранешниот премиер.

Оваа пресуда е удар за партијата на Кан, која и покрај негативната кампања кон неа оствари изненадувачки добри резултати на парламентарните избори во 2024 година, освојувајќи најмногу места но не доволно за да формира влада.

Кан е поранешна легенда на крикетот, играч кој го предводеше Пакистан до единствената победа на Светското првенство во 1992 година. Се школувал на Оксфорд и се смета за еден од најпопуларните политички лидери во Јужна Азија.

Случајот на корупција е еден од повеќе од 100-те случаи наведувани против Кан откако беше соборен од власт, по четиригодишниот мандат, со гласање во парламентот во април 2022 година, за што тој ги обвинува САД поради неговото приближување со Кина.

Во повеќето постапки, доколку биде осуден, на Кан му се заканува и забрана за вршење јавни должности.

Мандатот на Кан меѓу 2018 и 2022 година беше поткопан од економскиот пад, а критичарите го обвинуваа за големо ограничување на медиумите и произволни апсења на политичките противници. Меѓутоа, неговата популарност повторно порасна последниот период.