Соединетите држави и Русија во вторникот објавија дека се согласиле да продолжат со напорите за ставање крај на војната во Украина, по состанокот во главниот град на Саудиска Арабија на кој, како што претходно беше најавено, не учествуваа украински претставници.
Четири иполчасовната средба во Ријад е првпат по Втората светска војна, САД и Русија да седнат на маса за да разговараат за ставање крај на конфликт во Европа, но и за другите геополитички парашања пишува Reuters.
Украина истовремено предупредува дека нема да се согласи со договорите постигнати без нејзино одобрение.
Уште пред почетокот на разговорите, новата администрација на американскиот претседател Доналд Трамп беше цел на критики од европските политичари поради давање „бесплатни“ отстапки за Русија. Американските власти, имено, ја отфрлија идејата за членство на Украина во НАТО и прдупредија дека е илузија дека Киев може воено да врати 20 отсто од територијата што моментално е под руска контрола а на која живее доминантно руско и рускојазично население.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Мајк Волц, им рече на новинарите во Ријад дека војната мора да дојде до својот конечен крај и дека тоа ќе вклучи преговори за територија. Додаде дека „реалноста е дека ќе има разговори за територии и за безбедносни гаранции“.
Американскиот државен секретар Марко Рубио се обиде да ја смири украинската и европската загриженост со изјавата дека никој не е оставен настрана, дека Европската унија во одреден момент мора да биде дел од преговорите и дека решението за ставање крај на конфликтот мора да биде прифатливо за сите.
Но, Русија која имајќи го лошото искуството со преговорите во кои учествуваа претствници ЕУ уште по насилниот преврат во Киев во март 2014 година кога беше соборен прорускиот претседател Виктор Јанукович, ги заостри своите барања за време на состанокот во Саудиска Арабија.
Додека траеше состанокот во Ријад, Кремљ соопшти дека Украина има суверено право да ѝ се приклучи на Европската унија, доколку тоа го сака, и Москва нема да ѝ диктира како да го направи тоа, но нема да дозволи приклучување на соседната земја во кој и да е воен сојуз.
„Зборуваме за интеграција и за економски интегративен процес. И тука, се разбира, никој не може да ѝ диктира ништо на која и да е земја“, изјави портпаролот Дмитриј Песков.
Москва, сепак, нема да дозволи Украина да се приклучи на НАТО и на воени сојузи.
„Сосема спротивна е позицијата, се разбира, за безбедносни прашања поврзани со одбраната или воените сојузи“, изјави Песков.
Малку подоцна портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави за новинарите во Москва дека „не е доволно“ НАТО да го одбие членството на Украина. Таа рече дека алијансата, исто така, мора да го напушти ветувањето дадено на самитот во Букурешт во 2008 година дека Киев ќе се приклучи во иднина.
„Во спротивно, овој проблем ќе продолжи да ја труе атмосферата на европскиот континент“, рече Захарова.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски не се откажува од членството во НАТО како „безбедносна гаранција“ за суверенитетот и независноста на неговата земја од нејзиниот источен сосед.
Во 1994 година на договорот во Будимпешта, Украина под притисок на САД и Велика Британија се согласи да го предаде својот нуклеарен арсенал од советската ера во замена Русија да ги преземе нејзините долгови и други бенефиции, како и гаранции од трите сили за независност и суверенитет во постојните граници. Русија, САД и Велика Британија се согласија на ова барање.
Додека европските земји разговараат за можноста за испраќање наводно тешко вооруженин „мировни сили“ по постигнувањето на мирот, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави во Ријад дека Москва нема да се согласи со присуство на воени сили на земји од НАТО, под какво било знаме и да пристигнат.
„Тоа, се разбира, е неприфатливо за нас“, нагласи шефот на руската дипломатија.
Во западните медиуми се проценува дека изјавите на првиот дипломат и изјавите на Захарова покажуваат дека Русија ќе бара дополнителни отстапки во преговорите, во кои Москва во моментов ја претставуваат политичките ветерани Лавров и советникот за надворешна политика во Кремљ, Јуриј Ушаков, а САД од официјални претставници на Трамп во неговиот прв месец на функцијата – државниот секретар Марко Рубио, советникот за национална безбедност Мајк Волц и пратеникот на Белата куќа за Блискиот исток, Стив Виткофф.
Двете страни најавија дека не е одреден датум за средбата Трамп-Путин, но и двете делегации изразија желба таа што поскоро да се случи. Се согласија да ги „отстранат пречките“ за работата на амбасадите во Москва и Вашингтон, кои беа отежнати последната деценија со западните протерувања на руски дипломати и рускиот идентичен одговор, заплена на руската сопственост и замрзнување на банкарски сметки.
Брзата дипломатија, која започна пред само шест дена со телефонскиот разговор меѓу Путин и Трамп, ги вознемири Украина и европските престолнини, кои стравуваат дека двајцата лидери ќе постигнат договор што ќе ги игнорира нивните безбедносни интереси, ќе ја награди Москва за инвазијата и ќе му дозволи на Путин да продолжи да се заканува на Украина и други земји во иднина.
Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, рече дека двете страни се согласиле да назначат тимови на високо ниво за да започнат да работат за завршување на конфликтот во Украина на „долгорочен, одржлив и заемно прифатлив начин“.
Рускиот преговарач Ушаков на новинарите по разговорот им изјави дека станува збор за „многу сериозен разговор“ во кој се поставени сите прашања.
Рубио смета дека руската страна е „подготвена да започне да се вклучува во сериозен процес на одредување колку брзо и преку кои механизми“ може да се стави крај на војната.
Лавров зборуваше за „голем интерес“ за отстранување на економските бариери меѓу двете земји, откако САД и другите западни земји воведоа серија санкции кон Москва. Рускиот министер за надворешни работи додаде дека САД почнале „подобро да ја разбираат“ позицијата на Москва, пренесува агенцијата France presse.
„Не само што се слушнавме, туку се слушавме“, рече Лавров, додавајќи дека националните интереси на двете земји „нема секогаш да се совпаѓаат“, но дека кога ќе се совпаднат, од клучно значење е да се контролираат овие несогласувања за да не се „предизвикуваат воени конфликти“.
Рубио не сакаше да шпекулира кога ќе бидат укинати санкциите.
„Постојат и други учесници во санкциите. Европската унија ќе треба да биде на масата во одреден момент бидејќи и таа има (воведено антируски) санкции“, рече шефот на американската дипломатија.