
Многу информации се обелоденија за активностите на УСАИД и на Фондацијата Сорос, но и други многубројни пиун невладини и граѓански организации во Македонија, за тоа како и колку многу пари потрошиле во земјава. Добар дел од тие пари завршиле како поттик за пропаганда за реализација на нечии и надворешни и внатрешни политички агенди и интереси.
Бројни наши сограѓани беа инволвирани во уништување на државата, на системот во неа. За грст долари. Некои ќе речат платени, некои продадени. Најстрашното е што досега од тие луѓе не видовме ни трошка покајание. Најодвратно е што токму истите тие креатури уште јавно објаснуваат како со тие пари било придонесено во многу општествени „добра“ во Македонија и како со тие пари била „унапредувана“ демократијата во земјава. А, чуми ни се тие „добра“, олицетворени во нови градинки, реновирани болници, училишта… кога од друга страна крвнички ни ја убиваа државата, идентитетот, дигнитетот, суверениетот… Налет нека се сите нивни „добра“ направени со крвави и валкани пари. Не ни се требни воопшто.
Ние тука во Македонија одамна, со години, го знаевме тоа кое изминативе недели јавно ни го кажаа новите менаџери на американската држава. Знаевме дека милиони долари, пари на граѓаните на САД, се слеваат преку УСАИД и Фондациите на Сорос во џебовите на македонските квинслинзи и среброљупци, кои заслепени од тие пари немилосрдно ја убиваа Македонија. Нашата огромна сатисфакција е токму тоа што добивме јавна, гласна и јасна потврда на тоа што го знаевме. И по којзнае кој пат се повтори онаа нашата, македонската – Еден е Господ гледа се’, враќа се’!
Е сега, како стојат работите, полека но сигурно доаѓа и тој момент. Момент на враќање. Не, воопшто не треба луѓето, народот да ги земаат работите во свои раце. Оваа држава, каква-таква, и тоа што остана од неа по години нејзино крвничко распарчување и уништување, сепак има свои институции. Токму тие се вистинските кои треба да ги засукаат ракавите и да почнат да работат.
Прво безбедносните служби, полицијата и обвинителството. Почетна точка нека им биде јавното признание на американското државно раководство дека милиони долари од САД завршиле во Македонија за рушење и менување на власти во земјава. Пари, кои биле давани како средство за дејствување, но и како награди на домашните, македонски квинслинзи кои со своите дејанија придонесувале за уривање и менување на легитимно избрани власти во земјава. Тие луѓе платени со странски пари дејствувале против својата земја за реализирање на туѓи, странски интереси.
Тие луѓе сега треба да бидат предмет на длабинска обработка од безбедносните служби во Македонија. Се’ што ќе се обезбеди како доказ против нив, веднаш треба да биде преточено во обвинение и да бидат изведени на суд. Да одговараат пред лицето на правдата за злото што и’ го нанеле на татковината, земјата која ги создала.
Само со таков чекор Македонија ќе ја зацрвсти својата стабилност и независност, но и ќе се заштити од понатамошни нови квинслизи.
Очите на Јустиција се врзани со превез, но таа во рацете држи вага и меч!
Автор: Дејан Николовски