Ајатолахот Хамнеи помилува илјадници ирански затвореници поради протестите

Иранскиот врховен водач Али Хамнеи помилувал „десетици илјади“ затвореници, меѓу кои многумина уапсени во ланските антивладини протести поради обвинувања поврзани со загрозување на националната безбедност, откако минатиот месец беа ослободени речиси илјада жени од затворите со указ на владата.

„Ќе бидат помилувани затворениците кои не се соочуваат со обвинувања за шпионирање во полза за странски служби, не се директно поврзани со странски агенти, без намера убиле или раниле некого, не ја уништувале и палеле државната сопственост“, објавија иранските медиуми во неделата.

Помилувањата ќе бидат објавени по повод 44-годишнината од победата на Исламската револуција во 1979 година со која беше соборен режимот на шахот поддржуван од САД.

Според американската активистичка новинска агенција HRANA, околу 20.000 луѓе се уапсени во противладините протести за кои причина беше смртта на Маше Амини ланскиот септември, а за кои Техеран тврди дека биле планирани и оркестрирани од странство и главно насочени на студентската и средношколската младина, но и на сепаратистичките милитанти на сунитското малцинство.

Дваесет идвегодишната Курдка Маше Амини почина во притвор на 16-ти септември 2022 година. Таа била приведена од ткн морална полиција поради „несоодветно“ облекување, односно не носење на традиционалната муслиманска женска прекривка за косата – хиџаб. Демонстрантите обвинуваа дека девојката починала од ќотек во притворот, додека власта тврди дека смртта настапила поради претходни заболувања. Тогаш протестите се проширија на 160 градови.

Во протестите се убиени најмалку 527 лица, се наведува во извештајот на споменатата американска новинска агенција за човекови права. Меѓу нив имало 71 малолетник и 70 припадници на полицијата и другите безбедни служби, тврди агенцијата.

Иранските власти наведуваат, пак, дека во организирани вооружени насочени напади врз припадниците на парамилицијата Басиџ и полицијата се убиени повеќе од стотина безбедносни службеници.

За повеќе од стотина уапсени се објавени смртни казни за смртоносни напади врз претставници на безбедносните служби или за соработка со странски разузнавање, од кои неколку веќе се извршени.