А Бугарија ќе ги брише ли учебниците во кои стои дека Македонија е бугарска држава?

Ќе ги брише ли своите учебници Бугарија- во кои стои дека Македонија е бугарска држава – како што денеска премиерот вети дека ќе го тргне зборот „бугарски“ од пред фразата „фашистички окупатор“, прашува поранешниот македонски амбасадор во Софија Марјан Ѓорчев?

-Менувањето на „вордингот“ при опис на одредени настани и случувања само од македонска страна ја отсликува нерамноправноста на Република Македонија во однос на Република Бугарија во врска со Договорот за добрососедство. Прво, затоа што се избегнува да се опише, или се скрива историската вистина, а факт е дека Бугарија била сојузник со фашистичка Германија и фашистичка Италија, за време на Втората Светска војна. Со тоа младите поколенија ќе бидат погрешно воспитувани и ќе учат историја која не е одраз на она што вистина се случило. Второ, ова треба да значи и постапување од Република Бугарија. Дали и таа ќе постапи во менување на „вордингот“ и ќе избрише од своите учебници дека Македонија е бугарска земја, оти од таму почнува се? – нагласува Ѓорчев за Алфа.

Според него македонската власт не смее да отстапи од црвените линии дефинирани како резолуција во македонското собрание.

-Република Бугарија уште еднаш го потврдува својот тврд став по таканареченото македонско прашање, македонизмот, сето она што значи создавање на македонската држава, односно нашата сегашност. Ова е блокада на нашиот европски пат од страна на Бугарија. Како држава, сега мора да имаме цврст политички став базиран на резолуцијата едногласно усвоена од нашето собрание, врз основа на која се знае за што ние можеме да преговараме, а за што воопшто не треба. Исто така е важно дали Бугарија е сама во Европска Унија во однос на блокадата на Македонија или има и други држави кои исто размислуваат, вели поранешниот амбасадор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.