Ајде, повелете, се продава исказот на Зоран Кичеец

 

Непознат човек од пред неколку дена му се јавил на адвокатот на еден од осомничените во случајот „Рекет“ и му го понудил исказот на Зоран Милески-Кичеец да го продаде за пари.

Вилма Русковска, шефицата на Обвинителството за организиран криминал го потврди случајот, по што го вклучила црвениот аларм и почнала истрага да се најде „кртот“ кој нудел исказ на осомничен. Инаку, случајот веќе е распределен кај надлежен обвинител. Како што дознаваме, се проверуваат безбедносните камери во Обвинителството, како и листинзи со повици од кои биле нудени доверливите документи.

„Во тек е истрага и не можам да кажам ништо се додека не заврши. Не знам дали документите се изнесени од тука, тоа ќе покаже истрагата“, изјави Русковска.

Адвокатот експресно ја одбил понудата за купување на исказот, а не се знае по која цена непознатиот соговорник ги продавал документите. Тој веднаш „непристојниот предлог“ го пријавил кај Русковска.

Ова не прв пат да „протечат“ доверливи документи од „Рекет“. Јавноста виде дел од исказот на Орце Камчев, за што обвинителството поднесе кривична пријава против новинарот кој го објави документот.

Со листови за кои тврдеше дека се изјави на сведоци од „Рекет“ на прес-конференција неодамна излезе и лидерот на опозицијата. Тврдеше дека ги добил од свиркач. Русковска е категорична дека тие документи не излегле од кај нив.

„Тие документи не излегоа од кај нас. Тие беа дел од судските документи“, изјави Русковска.

Јавноста веќе ги виде и видео и аудио снимките што се дел од доказниот материјал за Рекет, што ги објави италијанскиот весник. Исказот пак на Кичеец кој се нудел на продажба не им беше даден на увид на адвокатите на Катица Јанева и Бојан Јовановски.