За одредување датум за избори потребен е целосен консензус, исто како кога беа одложени

За ВМРО-ДПМНЕ државниот интерес и здравјето на граѓаните се главни приоритети  при договарањето на новиот датум за одржување на парламентарните избори, смера Тимчо Муцунски, кандидат за пратеник од опозициската партија, и предупреди дека со одржување избори без консензус државата ќе испратри порака за нефункционална демократија.

Муцунски во емисијата „Патот кон“ на Алсат телевизија во четвртокот вечерта истакна дека во Македонија треба да надвладее културата а постигнување компромис, какои и дека тој компромис треба да се постигне и при одредувањето на датумот за избори. А според него, датумот за избори треба да се одреди на истиот начин на којшто тие беа и одложени.

„Повеќе од потребно е да се воспостави консензус. Не е наше да лицитираме со датуми за избори, наше е да веруваме дека ќе надвладее една култура на компромис во нашето општество. И дека на начинот на којшто се договорија изборите на 12-ти април, на начинот на којшто се одложија изборите поради појавата на пандемијата, на еден ист таков начин сите политички субјекти ќе се однесуваат разумно“, рече Муцунски.

Истакна дека нему како кандидат за пратеник ништо не би му значела пратеничката функција, доколку со учеството во изборниот процес му наштетил на здравјето, макар и на еден граѓанин.

„Ние сме кандидати за пратеници, но мене ништо не би ми значела позицијата пратеник во Собранието доколку со учеството во еден таков изборен процес сум наштетил на здравјето на најмалку еден граѓанин во нашата земја. Разумното однесување е тоа што ќе нѐ однесе до утврдување на изборен датум којшто ќе биде одржлив и којшто ќе може, сите релевантни политички субјекти да го поддржат“, констатираше Муцунски.

Не треба да има непромислени потези, додаде претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, коишто можат да влијаат негативно на евроинтеграцискиот пат, коишто можат да влијаат негативно врз економијата, кои можат да влијаат дополнително негативно во создавањето нова политичка и уставна криза.

„Таквите непромислени потези треба се избегнат и сите треба да се однесуваме здраво разумно за наоѓање на решенија кои, во прв и преден план ќе го стават здравјето на граѓаните и интересот на државата“, додаде Муцински.

Предупреди и на пораката што ќе биде испратен кон меѓународната заедница за отсуството на демократски амбиент во земјата, доколку изборите се одржат само по инсистирање на власта без постигнат компромис меѓу политичките субјекти.

„Ако не успееме да постигнеме консензус околу датумот за одржување на изборите, ќе испратиме порака дека немаме функционален демократски дух, што би можело да е на штета на државата. Затоа, да не носиме непромислени потези, да се однесуваме разумно, во интерес на државата, во интерес на нејзините граѓани“, рече во своето вечерашно гостување на Алсат, Тимчо Муцунски.

Говорејќи околу можниот датум за изборите Муцунски смета дека тие треба да се одржат до крајот на летото, но притоа да се внимава гласачите да имаат чувство на безбедност по сопственото здравје.