12.6 C
Skopje
четврток, октомври 17, 2019

… А, потоа тужби против сите странски замешатели, како Јункер и Могерини…

11446
страшо ангеловски

Приказната за рекетот никако да заврши. Рекет со кој оваа гарнитура дојде и се одржува на власт. Што беше ако не политички рекет барањето на Заев, Груевски да си поднесе оставка за да овој не изнесува во јавност прислушкувани разговори? Што беше ако не политички рекет секојдневното шетање низ Македонија и групно соблазнување на монтирани телефонски разговори заради создавање колективно чувство на омраза кон прислушкуваните? Што беше ако не политички рекет притисокот врз Ахмети во последен момент да се повлече од веќе договорената Влада со коалицијата „За подобра Македонија“? Што беше ако не психолошки рекет притворањето и обвиненијата за, на пример Игор Дурловски, Владо Јовановски…? Што беше ако не монструозен рекет пресудата од 211 години за „уставобранителите“ за да се посее страв меѓу народот подготвен на отпор? Што беше ако не криминален рекет добивањето 81 пратенички глас за отвoрање на Уставот и промена на името? Што беше ако не карикатурален обид за рекет и на Европската Унија дека ако веднаш не добиеме датум ќе има дестабилизација на Македонија?

Можеме да редиме до недоглед бидејќи дефинитивно она што за криминалното, рекетарско и антимакедонско доаѓање на власт и владеење, на многумина од нас ни беше јасно уште на почетокот, денес им станува јасно речиси на сите. Освен на оние, кои само од ним познати лични интереси, се’ уште не сакаат да прогледаат. Тоа се оние за кои Наполеон Бонапарта рекол дека „посилно се борат за своите интереси, отколку за своите права“. Во сето ова најтешко е за оние кои искрено поверуваа во монтираните разговори, искрено посакаа уривање на, според сервираните снимки, „нечовечкиот режим на Груевски“, искрено ги облекуваа маичките на кои пишуваше СЈО и гордо шетаа во поворката предводена од денешниве рекетари, верувајќи во „правда и во мир“. Тие луѓе денес се будат со мамурлук како после најтешка пијанка; со болка во срцето како да ги изневерила девојката со најдобриот другар; со горчина во душата заради својата лесноверност; со тага во очите заради овие три уништени години од животот. Што никако не им го одзема делот од вината за нивниот придонес во инсталирањето на оваа власт, туку им дава обврска, токму тие, со двојно поинтензивна активност да помогнат час поскоро да си замине.

И доколку некој се’ уште веруваше дека еве само што не стасала платата од 500 евра, дека само што не сме почнале да се лекуваме бесплатно по најсовремените европски клиники, дека само што не се исплатиле двојно зголемените субвенции, дека пензиите толку ќе пораснат што пензионерите речиси не ќе знаат што да прават со парите, дека големите странски инвеститори небаре јавајќи магаре веќе трета година патуваат кон Македонија, дека… денес мора да сфати дека целата држава и сите нејзини граѓани се внесени во еден вешто конструиран систем на лаги, измами, рекет и национални предавства, кој час поскоро мора да биде демонтиран и уништен до последно делче. Систем кој произведе внатремакедонска омраза, меѓучовечка нетрпеливост и двојни стандарди како зло кое го разјадува целото општество. Но, и систем на лаги и измами кој почна да произведува сиромаштија, кој почна да му се заканува со целосен колапс на здравството, на образованието, на внатрешната и надворешна сигурност и безбедност, со еден збор, систем на лаги и измами кој се заканува да ја растури државата од внатре и да ја ослаби од надвор. Систем на лаги и измами кој едноставно мораме да го уништиме пред тој да не’ уништи нас.

Затоа нема друго освен итна и безусловна оставка на оваа гарнитура на лаги и измами и распишување предвремени парламентарни избори. Оставка, која доколку не биде самоиницијативна, ќе мора да биде изнудена од притисокот на огромното мнозинство незадоволни, изневерени, измамени граѓани. Изнудена од притисокот на честа, вистината, достоинството на секој македонски граѓанин, од неговата желба да живее во држава на правда, на социјален мир, држава на внатрешна сигурност и надворешна безбедност. Со еден збор, најитни парламентарни избори за да се сопре колата која забрзано оди надолу да не се искрши во амбисот. Најитни избори за да се спаси што може да се спаси, за да се сопрат ужасните процеси на ерозија, кои по потпишаните договори со Атина и Софија, ни го поткопуваат тлото до можност да ни се урне заедничкиот дом Република Македонија.

А, потоа. Потоа одговорност. Целосна одговорност за сите за кои ќе се докаже дека учествувале во создавањето и одржувањето во живот на овој монструозен систем на лаги, измами, рекет, политички монтажи, национални предавства… Одговорност за политичари, обвинители, судии, но и корумпирани новинари и креатори на лажна реалност. Одговорност за докажани злосторства против сопствениот народ и сопствената држава, а не систем на реваншизам каков што во моментов егзистира. Одговорност без можност да биде избегната со милион и половина евра во скапоцена чанта.

Е, дури потоа, тужби за злосторства против Република Макединија и македонскиот народ пред меѓународните судови против сите Жбогари, Ван Хојтовци, Орави, Ханови… Италијанскиот новинар кој во својот весник „Ла Верита“ го доотвара скандалот со рекетот, веќе ни посочи двајца кои ќе треба да одговараат – Жан Клод Јункер и Федерика Могерини. Списокот е многу, многу подолг, а новата власт во Република Македонија ќе мора да создаде институционално тело од еминентни домашни и, доколку е потребно, странски правници кои ќе го пополнат списокот и ќе подигнат обвиненија против сите странски замешатели во инсталирањето на овој нелегален систем на лаги, измами, рекет, национални предавства, а заради уништување на Република Македонија и бришење на македонскиот народ.

Со тие аргументи, со докажување на вистината за она што и се случуваше на Република Македонија последниве пет години, откако започна процесот на инсталација на оваа нелегитимна власт, ќе започне и битката за поништување на антицивилизациските договори со Атина и Софија. Тоа е патот кој мораме да го изодиме, а е единствениот кој покажува зрак надеж. Пат тежок и макотрпен, можеби и подолг од посакуваното, но пат на еден горд народ за достоинствена држава. Пат за Македонците и Република Македонија. А, бидејќи знаеме дека и најдолгиот пат започнува со првиот чекор, на нас е да го направиме – да го урнеме овој систем на лаги, измами, рекет, политички притисок и национални предавства.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.