Абазовиќ го предложи составот на црногорската влада, Кривокапиќ шеф на дипломатијата

Мандатарот за состав на новата црногорска влада Дритан Абазовиќ официјално ја предложи структурата и составот на својот кабинет, за кој пратениците на Собранието на Црна Гора ќе одлучуваат утре во Цетиње.

Според поднесената Програма за работа на 43-та влада на Црна Гора и програмските определби, во кабинетот на Абазовиќ ќе има 18 министерства, четворица потпретседатели и двајца министри без ресор, пишува подгорички „Вијести“.

Абазовиќ за вицепремиери ги предложи Јована Маровиќ, извршна директорка на невладината мрежа Политикон, Владимир Јоковиќ, лидер на просрпската Социјалистичка народна партија (СНП), поранешниот министер за внатрешни работи и финансии Рашко Коњевиќ и поранешниот потпретседател на црногорскиот парламент Ервин Ибрахимовиќ.

Абазовиќ го предложи поранешниот долгогодишен претседател на парламентот Ранко Кривокапиќ, лидер на Социјалдемократската партија (СДП) од 2002 до 2017 година, за министер за надворешни работи.

Со Министерството за правда ќе раководи адвокатот Марко Ковач, додека со Министерството за внатрешни работи Филип Аџиќ, поранешен советник на вицепремиерот за внатрешна политика, безбедност, борба против корупција на високо ниво и организиран криминал.

За министер за финансии е предложен поранешниот вршител на должноста директор на Управата за приходи и царина, долгогодишен пратеник во Собранието на Црна Гора, Александар Дамјановиќ.

Заедно со Граѓанското движење УРА на Абазовиќ и малцинските партии, во владата ќе бидат и просрпската СНП и процрногорската СДП, а Демократската партија на социјалистите (ДПС) на претседателот Мило Ѓукановиќ најави дека ќе пружи поддршка на Владата во Парламентот.