Абдицираше шпанскиот крал Хуан Карлос

Шпанскиот крал, Хуан Карлос, абдицира по скоро 40 години на тронот, а за негов наследник е најавен принцот Филип, соопшти денеска премиерот Маријано Рахој.

„Неговото височество, кралот Хуан Карлос, само што ме извести дека го предава својот трон. Убеден сум дека ова е најдобриот момент за промена“, рече Рахој.

Некогаш популарниот Хуан Карлос (76), допринел за транзиција на Шпанија во демократска земја во текот на 70-те години на минатиот век, по диктатурата на Франсиско Франко.

Кралот ја изгуби својата поддршка во последните неколку години поради корупциски скандали и гафови.

Неговата ќерка, принцезата Кристина и нејзиниот сопруг се под истрага поради корупциски случај.

Кралот, чие здравје се влошува во последните неколку години по операцијата на кукот, се повлекува од лични причини.