Абе ќе го менува пацифистичкиот устав издиктиран од Американците

Јапонскиот премиер Шинзо Абе (63) вети дека ќе го реформира јапонскиот пацифистички устав започнувајќи ја на тој начин кампањата за нов мандат на чело на Либерал-демократската партија која ја води веќе шест години.

Конзервативниот лидер е фаворит на изборите закажани за 20 септември, а единстве противкандидат е поранешниот министер за одбрана, Шигеру Ишиба (61).
Победата на Абе ќе му обезбеди уште три години на чело на третата светска економска сила, станувајќи така шеф на владата со најдолг стаж во историјата Јапонија.

Време е да се соочиме со реформата на уставот, рече Абе, објавувајќи ја својата намера да го претстави предлог-законот до Парламентот до крајот на годината.

Во оваа темелна повелба диктирана од американскиот окупатор во 1947 година, по предавањето на Јапонија на крајот од Втората светска војна, Абе сака да додаде амандман на членот 9 кој се однесува на откажување од војната „засекогаш“.
Во текстот на уставот, кој националистичките кругови го гледаат како понижувачко наследство на поразот на империјална Јапонија во 1945 година, се додава дека за таа цел „никогаш нема да поседува копнени, морски ни воздушни сили, како ни некој друг воен потенцијал“.

Сепак, Јапонија, која стана верен сојузник на САД за време на Студената војна формираше воени сили наречени „сили за самоодбрана“, замислени да интервенираат само ако земјата е нападната однадвор.

Шинзо Абе објаснува дека сака да го промени уставот за да им даде јасен статус на овие единици задржувајќи го притоа основниот принцип на пацифизам на кој што Јапонците се крајно посветени.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.