ABEE – белгиска компанија инвестира 40 милиони евра во ТИРЗ Кичево

Со инвестиција од околу 40 милиони евра на „Avesta Battery and Energy Engineering“ ќе се отвори можност за 600 нови вработувања. која одлучи да инвестира околу 40 милиони евра во Северна Македонија. Во Технолошко-индустриската развојна зона во Кичево, белгиската компанија ABEE ќе гради фабрика за производство на електрични батерии за автомобили.

ABEE е релативно нова компанија. Формирана е во 2019 година, кога – како што пишува на нивната веб страница, Ношин Омар, поранешен универзитетски професор во Брисел, одлучил да ја напушти академската заедница и целосно да се фокусира на индустријата. На почетокот ABEE била консултантска инженерска фирма со петмина вработени, но уште од создавањето се истражуваат сите аспекти на траењето на батеријата, од производството на ќелии до системите на батериски пакети до последната фаза, рециклирање. Во моментот, претставници од компанијата која што е во подем, се активни учесници во десет научни проекти финансирани од Европската унија.

Како локации на АБЕЕ покрај Белгија во околината на Брисел, наведено е дека наскоро ќе бидат и во Македонија. Засега имаат повеќе од 25 проекти во развој, а работат со капацитет од 10 илјади производни единици годишно. Во фокусот се истражувањата и развој во областа на BMS и системи за енергетска електроника, како и нивно масовно производство. Целта е производниот капацитет на компанијата да достигне 70.000 единици годишно.

Договорот за инвестицијата ќе се потпише денес во Брисел, а македонската страна на претставува директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски. Тој и министерот за економија, Крешник Бектеши, се дел од делегацијата предводена од претседателот Стево Пендаровски. Исто така, денес ќе присуствуваат на бизнис форум во Антверпен, каде што пред белгиските компании ќе бидат претставени можностите за инвестирање во Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.