Абрамович го продава Челси, парите одат кај жртвите од војната во Украина

Денешните шпекулации дека англискиот премиерлигаш Челси ќе добие нов газда вечерва добија официјална потврда, откако ова беше потврдено од сѐ уште актуелниот сопственик на клубот, Роман Абрамович.

Тој со официјално соопштение ја објави својата намера да го продаде лондонскиот тим, што би било во најдобар интерес за сите во него.

„Како и претходно и сега сите мои одлуки ги носам во насока да бидат најдобри за Челси. Со оглед на актуелната ситуација, решив да го продадам клубот бидејќи тоа е решение кое е најдобро за тимот, навивачите, вработените, како и за спонзорите и партнерите. Продажбата нема да биде брза, туку ќе биде според сите законски процедури. Нема да барам ниту еден од моите заеми дополните да биде вратен. Челси за мене никогаш не бил бизнис или начин да дојдам до пари, туку бил чиста страст кон фудбалот и клубот. Истовремено, дадов инструкција да биде формирана добротворна фондација на чија сметка ќе бидат префрлени сите пари кои на крајот ќе останат од продажбата, кои ќе бидат донирани. Фондацијата ќе работи во интерес на сите жртви од војната во Украина. Ова е исклучително тешка одлука и ме боли што повеќе нема да бидам дел од клубот, но мислам дека ова е во негов најдобар интерес. Се надевам само дека ќе добијам шанса барем уште еднаш да го посетам „Стемфорд бриџ“ за лично да се збогувам со сите вас. Беше привилегија да се биде дел од Челси и горд сум на нашите заеднички успеси. Челси и неговите навивачи секогаш ќе бидат во моето срце“, напиша Абрамович.

Неофицијално, се шпекулира дека рускиот бизнисмен, кој е ставен на црната листа поради конекциите со Владимир Путин, бара три милијарди евра за продажба на Челси.