Адеми го продолжи договорот со „Динамо“

Македонскиот репрезентативец и капитен на „Динамо“, Аријан Адеми го исполни ветувањето кон навивачите на клубот од Загреб и го продолжи договорот за уште пет години.

Управата на „модрите“ се одлучи да го задржи Адеми и покрај понудата од пет милиони евра од француски „Лил“. За возврат, „Динамо“ му понуди нов договор, за кој се шпекулира дека ќе го направи Адеми еден од најплатените фудбалери досега во клубот.

Пресреќен сум што потпишав нов договор, се покажа дека има голема љубов помеѓу мене и клубот. „Динамо“ беше со мене кога ми беше најтешко, па ни за момент не се двоумев. Веднаш знаев дека ќе го продолжам договорот, не се ни поставуваше прашање. Сакам тука и понатаму да освојувам трофеи и да играм во Лигата на шампиони. И понатаму во секој момент ќе го давам максимумот, ќе се обидам да го држам „Динамо“ на високо ниво, изјави Адеми на денешната прес-конференција.

На интернет страницата на клубот се огласи и претседателот на „Динамо“, Мирко Баришиќ.

Овој договор е залог зауспешна соработка не само за овие пет години, туку можеби и нешто повеќе. Нема да зборам за играчките квалитети на нашиот капитен бидејчи сите добро ги знаете. Донесовме стратешка одлука нашиот тим да го предводи човек со толку многу играчки и човечки квалитети, рече Баришиќ.