Адеми: Продолжуваме со спроведување на политиките за животна средина

Како земја кандидат ги поддржуваме и спроведуваме политиките и директивите на Европската Унија кои што се однесуваат на климатските промени и животната средина, порача министерот  за животна средина и просторно планирање Абдулаќим Адеми од Атина, каде што учествуваше на неформалниот состанок на министри за животна средина во рамките на грчкото претседателство со ЕУ.

Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, министерот Адеми информираше дека Македонија има едно од најусогласените законодавства во овој контекст и дека за разлика од некои земји од регионот кои што воопшто немаат направено чекори во оваа насока, нашата земја веќе го има усвоено и третиот извештај за климатски промени.
“Но тоа не значи дека треба да запреме, напротив. Ние продолжуваме со спроведување на политиките во животната средина. Во постојана комуникација сме со европската делегација во Македонија но и со други ресори, се со цел политиките на животната средина да се спроведуваат и во други области, а особено сега кога се зборува за климатски промени, кои што на некој начин веќе ги даваат негативните резултати”, изјави Адеми.
Денешниот состанок беше подготовка за претстојниот Самит за климатските промени што ќе се одржи во јуни во Бон.