Адеми: Работат само индустриски капацитети кои имаат еколошки стандарди

„Во вакви метеоролошки услови, ние и да забраниме сè, ситуацијата нема да се промени во следните 10 дена, доколку немаме промена на метеоролошките услови. Сè има влијание, меѓутоа најголемо влијание имаат метеоролошките услови, изјави министерот за животна средина и просторно планирање,“ вели министерот за животна средина и просторно планитање Абдулаќим Адеми во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Тој истакна дека ова не се случува поради градежните активности, туку поради грејната сезона и поради метеоролошките услови. Ваква ситуација имаат и земјите во регионот.

„Поголемите индустриски капацитети кои подлежат на А интегрирани дозволи во Скопје не работат во моментов. Работат само оние кои имаат еколошки стандарди и исто така и тие работат со помал капацитет, така што не можеме да извлечеме констатации врз основа на податоците од мерните единици кои некогаш имаат некој пик. Тоа може да се случи од различни фактори, на пример ако е недела навечер, може да биде од домаќинствата, може да биде и од сообраќај, затоа што во тој момент може да се враќаат повеќе граѓани, кои биле надвор од градот за викенд. Значи има повеќе фактори и не може да констатираме дека тоа е од индустријата или е од домаќинствата или е од сообраќајот, затоа треба подолга анализа за да дадеме поточни констатации,“ вели министерот.

Според него, доколку се воведе целосна забрана во сообраќајот, треба да се исполнат некои други предуслови.

„Мора да имаме посебни паркинзи надвор од Скопје или надвор од Тетово, мора да имаме добро организиран јавен превоз кој ќе ги транспортира патниците од тие паркинзи до централното градско подрачје и со тоа може да создаваме други жаришта. Целта на владата не е да се помести лошиот квалитет на воздухот од центарот кон друго населено место. Се размислува за воведување на „пар -непар“, кој на некој начин би го намалил сообраќајот барем до 50 отсто, но тоа како мерка може да не потсети на некои претходни периоди кога се воведуваше „пар –непар“, но во тие години се воведуваше поради недостиг на нафта. Мора сите мерки кои ќе се предложат да немаат негативни ефекти во други територии и врз населението,“ изјави министерот Адеми во интервјуто за Радио Слободна Европа.