Адеми: Сите одбиени проекти повторно ќе бидат разгледани

Министерот за култура Асаф Адеми – за Телевизија 24 тврди дека ако треба ќе понесе политичка одговорност за скандалот со распределбата на државните субвенции во културата.

Адеми кој е на службен пат во Берлин во телефонски разговор за Телевизија 24 вели дека прво ќе треба да се види и утврди зошто одбиените апликанти излегле од игра, а новиот увид за одбиените апликанти Адеми го најави уште за во понеделник.

Но, освен оние кои не добија пари од Министерството за култура, не стивнуваат реакциите и на оние кои добија, но обвинуваат за селективност. Денеска се огласија и директорите на десет театри од земјава кои реагираат на распределбата на парите.

Првите луѓе на на Националните Установи: Македонски Народен Театар – Скопје, Драмски театар –  Скопје, Театар Комедија – Скопје, Турски театар Скопје, Центарот за култура „Антон Панов” Струмица, потоа ЦК „Марко Цепенков” Прилеп,  ЦК „Јордан Хаџи Константинов Џинот” Велес, НУ ЦК „Трајко Прокопиев” –  Куманово, Центарот за култура –  Битола, како и НУ Народен театар – Битола.

Сите 10 национални установи доставиле писмо до премиерот Зоран Заев – бараат средба но и ревизија на распределбата на парите.

Најголемиот дел од уметниците сметаат дека нема јасни критериуми при поделбата на парите и посочуваат дека ова е проблем на кој  укажуваат со години наназад. Но ниту претходната власт ниту пак актуелната не ги слуша нивните предлози.

Ние добиваме една сума што не можеме да ја разбереме, по кој критериум ја добиваме. Ако оваа држава не може да најде начин како вистински  ди ги поддржува уметниците, јас не знам како да се справиме“ – вели Рисима Рисимкин  – уметнички директор „Танц фест Скопје“ и „Скопје танцов театар“.

 

„Тендерскиот начин на аплицирање е целосно несоодветен, треба да се укине“ – рече Ненад Стевовиќ – издавачка куќа „Или – Или“.

За разлика од министерот Адеми, кој вели дека ќе се разгледуваат повторно пријавите на одбиените, премиерот Зоран Заев вчера посочи дека дел од конкурсот за поделба на државни пари во културата ќе биде поништен.

Но, премиерот упати и критики за првите луѓе од скопскиот Џез-фестивал за што има и најголеми реакции во јавноста дека не добија пари.

Смешно и трагично е дека ни еден документ нема доставено – вели премиерот Зоран Заев.

Веднаш по изјавата се огласи и првиот човек на Џез–фестивалот, Оливер Белопета, посочувајќи дека не е вистина.

Морам да реагирам на зборовите на господинот Зоран Заев Секој поединечен искажан збор е неточен! Комплетна лага! Не е мое да претпоставувам кој од неговите најблиски кабинетски соработници му пренесува вакви “информации“, иако притоа не би бил далеку од вистината, вели Оливер Белопета-директор на Скопски џез–фестивал и фестивалот „Оф фест“.

По реакциите во јавноста, оставка од Советот за култура си поднесе Зоја Бузалковска, која во писмото кое го испрати до премиерот Зоран Заев, посочи дека министерот не смее да избира и да поставува директори на институциите од културата, бидејќи тоа во изминативе речиси две децении се прави по партиски клуч. Во писмото, Бузалковска порачува и дека секогаш кога е потребен некаков пазар за одлуки и гласови, прво се посега по културата и образованието.

Издвоено мислење за распределбата на парите имаше и актерот Оливер Митковски, еден од членовите на Комисијата во Министерството за култура кој посочи дека неговите најголеми забелешки се однесуваат на одобрениот износ за работење на националните установи кои во суштина би требало да бидат приоритет на овој ресор. А токму директорите на десет театри сега бараат од премиерот Зоран Заев ревизија на националната програма за 2019 година во ресорот култура.