Административните бариери оставија над 47.000 граѓани без помош за нега на друго лице

Над 47 илјади граѓани останаа без парична помош за нега на друго лице поради административни бариери. Центрите за социјална работа, каде се поднесуваат барањата – не ги примаат документите без Конзилијарно мислење од 3 доктори. Матичните не можат да го обезебедат, затоа што нема термин кај лекарите на клиниките, кои се ангажирани во лекување ковид пациенти. Граѓаните кои чекаат продолжување или стекнување на правото за туѓа нега, за ваквиот проблем реагирале кај Народниот правобранител – кој веќе поднел претставка  до Владата и министерствата за труд и здравство, пренесува „Сител“.
Центрите не можат да ги примат барањата, без стручен наод, оценка и мислење од стручната лекарска комисија, одговорија од Министерството за труд. Знаат за проблемот и се во постојана комуникација со Министерството за здравство за барање решенија со недостатокот на термини, кои се пуштаат исклучиво од страна на комисиите за туѓа нега, формирани од Министерството за здравство.