Јадранка Дабовиќ – Анастасовска го помина комисискиот филтер за нов член на Уставен суд

Професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први“ Јадранка Дабовиќ Анастасовска денеска доби поддршка од членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата за нов член на Уставен суд, на предлог од владејачкото мнозинство.

Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека професорката има импозантно CV со коe треба да биде горда за целата своја измината работа, за печатот што го има оставено во областа на правото. Но, од друга страна прашаа зошто мнозинството и оваа власт сакала да го протне изборот набрзина, на мала врата за кандидат со богато CV коешто е опишано на 25 страни. Тие обвинија дека власта не се консултирала со нив како опозиција. Посочија дека власта систематски бара решение како да ги пополни институциите со партиски функционери кои, како што рекоа, понатаму ќе ја бранат од криминалите, корупцијата.

Според опозициските пратеници, власта го девалвира правосудството. И за овој кандидат, како што рекоа, провејува она што е континуитет на изборот на претходните кандидати, а тоа е дека сепак има финеси на политичка позадина, со нејзината претходна работа како советник во Град Скопје во периодот од 2005 до 2009 година од редовите на СДСМ и член на Управниот одбор на ФЗО.

– Професорката има импозантно Сиви кое што за разлика од претходните кандидати кои беа предлагани од власта Тања Васиќ Бозаџиева, Фатмир Скендер, јавниот обвинител Љубомир Јовески, не може да се каже дека се работи за истакнати правници, особено кога се зборуваше за Тања Васиќ Бозаџиева – рече Јадранка Поцкова, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.

Освен Дабовиќ Анастасовска, за нов член на Уставен суд предложени беа и Родна Живковска и Саво Климовски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ и долгогодишниот судија и обвинител Тодор Витларов.

Предлогот за нов уставен судија е поради испразнетото место на судијата Јован Јосифовски, чиј мандат истече во јануари 2022 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.