Адвокати и невладиниот сектор велат дека со маратонските рочишта судијката Кацарска оневозможува ефективна одбрана

Вчерашното судско рочиште за обвинетите за собраниските настани од 27 април минатата година траеше 13 часа. Познавачите велат дека ова е своевиден рекорд во македонските судови. Досегашниот рекорд бил 11 часа. Судијката Добрила Кацарска ги игнорира барањата на коалицијата „Сите за правично судење“ и на бранителите на обвинетите дека ова претставува малтретирање на обвинетите и неможност адвокатите да имаат соодветна одбрана.

Адвокатот Еленко Миланов се пожали на вчерашното целодневно судење. „Атмосферата е ненормална. Продолжуваме со третиот сведок, а има уште тројца. Ова е нечуена работа. Немаме повеќе концентрација. Ова ќе биде трето судење кое ќе заврши по 22 часот, а може и да го почекаме наредниот ден“, рече Миланов.

Судијката Кацарска го игнорира и барањето од невладиниот сектор кое беше испратено и пред ова рекордно рочиште.

Коалицијата „Сите за правично судење“ веднаш по рочиштето за случајот „27 април“ одржано на 6 септември го критикуваше прекршувањето на процедурите за време на судењето на обвинетите и укажа дека се кршат и меѓународните стандарди. Коалицијата ја истакнува својата загриженост по однос на динамиката на движење и траење на судските расправи.

Со пролонгираното времетраење на рочиштето, по завршувањето на работното време на судот, сметаме дека се постапува на штета на обвинетите во постапката и со тоа се врши повреда на нивното право на адекватно време и простории за подготовка на одбраната. На обвинетите им се оневозможува правото на ефективна комуникација со бранителите, во насока на отсуство на разумно и доволно време за подготовка на соодветна одбрана… Најголемиот дел од обвинетите се во притвор каде што комуникацијата со бранителите и онака е отежната поради логистички и технички услови”, се вели во реакцијата на коалицијата.

Членот 6 од Европската конвенција за човекови права упатува на минимални утврдени права на секој обвинет во постапката, помеѓу кои предвидено е и обезбедување на адекватно време и услови за подготвување на одбрана. Овој член не се однесува само на подготвувањето на одбраната во претходната постапка (фаза на истрага), туку истиот се однесува и на можноста одбраната да биде подготвена за било кое дејство кое е предвидено да се преземе на главната расправа, особено во фаза на доказна постапка во предмети каде се предложени голем број на материјални докази и сведоци.

И адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска, која не е замешана во овој процес, вели дека судијката е на добар пат со маратонскиве рочишта да го упропасти предметот. „Со ова се нарушува правото на ефективна одбрана како дел од правото на фер судење“, вели Јошевска.

Адвокатот Миланов вели дека веќе се обратиле до Адвокатската комора, Народниот правобранител и други институции за ваквата динамика на судења.