Адвокатот на Боки 13: Имаме работа со луѓе од политиката и бизнисот

Адвокатот Сашо Дуковски кој го застапува првообвинетиот во случајот Рекет Бојан Јовановски Боки 13 во интервју за емисијата Код вели дека невладината организација Меѓународен сојуз која е дел од истрагата не е One Man Band.

-Таму има многу други лица кои исто така даваа исказ деновиве. Не може да одговара Меѓународниот Сојуз, туку лицата, меѓу кои е Бојан Јовановски, но и најмалку уште десетина други особи за кои што не видов дека се води истрага за нив и нешто не видов дека некој ги призива за некаква си одговорност- рече Дуковски.

Адвокатот на Боки 13 се прашува како сите блиски соработници политичари сега се прават дека не го познаваат, бидејќи сакаат целата вина да ја префрлат на Боки 13.

-Никој сега не се познава со Бојан Јовановски. Изгледа дека тој е некој вонземјанин кој дошол од вселената и одеднаш формира тоа што го формира. Формира Телевизија пошто е вака способен, формира невладина организација, сето тоа функционира, пари фрчат од сите страни и сето тоа сам го прави и никој нема во негова помош, никој не учествува во тоа. Така барем сака да се презентира. И сега никој него не го познава- вели Дуковски.

Тој додава дека лица се уплашени за својата иднина, да не бидат делови од некаква си постапка, па одбиваат дека имаат било каков контакт со Бојан Јовановски, што е ноторна лага и брутална глупост.

-Имаме работа со прилично моќни луѓе, луѓе од светот на политиката и високиот бизнис во Република Македонија, кои што се научени да пливаат многу лесно и многу успешно во целиот овој транзициски период. Очекувам и скоро сум сигурен дека ќе се обидат сите да ја стават, евентуалната вина на Бојан Јовановски, се со цел да се тргне било каква одговорност од нив- заклучи Сашо Дуковски.

Адвокатот Дуковски по однос на изјавата на премиерот Заев дека контактирал со адвокатката на Катица Јанева, Ирена Фрчковска дека е логично да биде во домашен притвор, вели дека тој не разговарал со Заев и нема потреба да разговара со адвокатите.

Не гледам причина зошто би ми се јавил. Он е претставник на извршната власт, а овде станува збор за судска постапка. За мене тој потез е невообичаен- подвлече Дуковски.