Адвокатската компанија која го застапува Абрамович во САД стана „странски агент“

Претставниците на американската адвокатска канцеларија „Kobre&Kim“ се регистрираа во американското Министерство за правда како „странски агенти“ за да можат да ги застапуваат интересите на рускиот милијардер Роман Абрамович во случајот на запленувањето на двата негови авиони во САД, пишува The Wall Street Journal.

Според изворите на весникот, застапниците на канцеларијата за да можат да соработуваат со Абрамович морале да се регистрираат како „странски агент“, односно дека се плаќани од странски извори, бидејќи американското Министерство за правда  бара информации за политичката работа со странски влади, физички и правни лица. Како што пишува натаму The Wall Street Journal, канцеларијата „Kobre&Kim“ е првата американска компанија којашто го преземала овој чекор од почетокот на војната во Украина.

Според повеќедеценискиот американски закон, оние кои се занимаваат со политички активности за странски влади, организации или поединци се обврзани да се регистрираат во Министерството за правда како „странски агенти“.

Од канцеларијата за весникот изјавиле дека се согласиле да ги застапуваат интересите на Абрамович поради фактот што бизнисменот „учествува во мировните преговори и хуманитарни активности“, а решавањето на правните прашања е неопходно за да продолжат неговите активности во овие сфери.

Абрамович ја ангажирал „Kobre&Kim“ за правни совети и нема намера да се занимава со лобирање за неговите интереси во САД преку оваа компанија, изјавил за весникот извор запознаен со ситуацијата.

Во јуни беше објавено дека федерален суд во Њујорк потпишал налог со кој на американското Министерството за правда му одобрува запленување на два од авионите на Абрамович. Според телевизиската мрежа CNBC News, станува збор за авиони во сопственост на милијардерот од моделите „Boeing 787-8 Dreamliner“ и „Gulfstream G650ER“.

Според судските записи, авионот „Boeing 787-8 Dreamliner“ е во Дубаи, а авионот „Gulfstream G650ER“ е во Русија. Од друга страна, весникот Phileleftheros објави дека авионите биле регистрирани од компании на Кипар, на островите Џерси и на Британските девствени острови, а објавено е и дека двете кипарски компании поврзани со овој случај се „Finservus (Trustees) Limited“ и „The Europa Settlement Trust“.

САД сѐ уште не го вклучија Абрамович на списокот со санкционирани руски милијардери и личности кои се сметаат за блиски на рускиот претседател Владимир Путин. Но во март американската министерка за финансии Џенет Јелен во интервјуто за CNBC News изјави дека не исклучува воведување ограничувачки мерки за рускиот претприемач. На 10-ти март Абрамович беше вклучен на списокот со санкционирани лица на Велика Британија, а на 15-ти март санкции против него воведе и Европската унија.